• недела, 22 декември 2024

ЦГК: Општините потрошиле 770 илјади евра за прскање против комарци

ЦГК: Општините потрошиле 770 илјади евра за прскање против комарци

Скопје, 9 август 2023 (МИА) - За прскање против комарци, општините годинава платиле 770 илјади евра. Тендери за справување со комарците имале 39 општини и еден плански регион со 9 општини. Ова, како што посочуваат од Центарот за граѓански комуникации, повикувајќи се на анализата направена врз податоците на сите договори за јавна набавка за комарци, значи дека вкупно 48 општини годинава презеле мерки за уништување на комарците.

Според анализата на ЦГК, 35 општини имале тендери за т.н. терестичко прскање, односно прскање од земја, а шест општини имале тендери за т.н. авионско третирање. Седум општини имале и земјено и воздушно прскање.

Најголем договор за уништување на комарците, како што се вели во анализата, има Град Скопје, кој лани за двегодишен третман против комарци од воздух и од земја, платил половина милион евра. 

Во анализата наведено е дека од другите општини, повеќе пари за уништување на комарците платиле оние кои најмиле услуга за авионско прскање и тоа Велес, Кавадарци, Кочани, Куманово и Штип.

Од вкупно 13 договори за јавна набавка за авионско прскање, 11 тендери добила кумановската фирма Бониер, додека останатите два, меѓу нив и највредниот, скопскиот, ги добил Аероклубот Скопје.

Кај договорите за уништување на комарците од земја, предничи кавадаречката фирма Лиса-Ком МС, со склучени 9 договори. Следен е Центарот за јавно здравје Скопје со 7 договори.

- Цените што ги плаќаат општините за оваа услуга се многу различни и зависат од тоа дали прскањето е авионско или до земја, од опфатената површина, но и од бројот на третмани бидејќи многу општини предвидуваат по неколку третирања во текот на годината. Сето ова ја отежнува и споредбата на цените. Како и да е, најевтино за еден хектар прскање плаќа Град Скопје, само по 11 денари за хектар прскање од земја, велат од Центарот за граѓански комуникации.

Авионските прскања чинат од 216 денари за хектар колку што плаќа Град Скопје, до 2.230 денари за хектар колку што платила Карбинци.

- Кога станува збор за средството со кое се прска против комарци и ларви од комарци, општините не се многу прецизни во описот. Само две општини нагласуваат дека средството мора да биде еколошко, а други две општини наведуваат и какво средство или негов еквивалент би сакале. Како и да е, сите општини наведуваат дека средството мора да има решение за промет и да биде одобрено од Министерството за здравство, наведуваат од ЦГК. сх/бак/

Фото: ЦГК

 

Остани поврзан