• петок, 17 април 2026

ДЗР објави извештај од ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеноста на Агенцијата за катастар на недвижностите за 2024 година

ДЗР објави извештај од ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеноста на Агенцијата за катастар на недвижностите за 2024 година

Скопје, 16 април 2026 (МИА) - Државниот завод за ревизија денеска објави конечен ревизорски извештај за извршена ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеноста на Агенцијата за катастар на недвижностите за 2024 година за сметка на основен буџет 637 и сметка на буџет од самофинасирачки активности 787.

Како системска слабост, која е утврдена, Државниот завод за ревизија наведува дека не се доделени идентификациски броеви на државните органи и правните лица основани од државата поради неможност надлежното министерство да ги вклучи во својата евиденција. 

Во клучните утврдени состојби е посочено дека расходите за реставрирање градежен објект не се искажани како инвестиции во тек, како и дека нецелосно е извршен попис на средствата и нивните извори. Исто така, и дека обврските кон доставувачите се прикажани во помал износ, а дека за приходите од платени надоместоци преку ПОС-терминали, кои деловната банка ги уплатува на сметка на Агенцијата, не постои поврзаност по одделни архивски броеви според видот на извршената катастарска услуга. 

- Постојат недоследности во ангажирањето лица со договор на дело, дел од предметите за извршени услуги за издавање податоци и вршење промени во Геодетско-катастарскиот информациски систем не се целосно комплетирани, дел од документацијата не е потврдена со потпис/е-потпис, а има и слабости при спроведување на јавните набавки - се вели во ревизорските наоди. лв/дма/

Остани поврзан