• среда, 20 ноември 2024

Царовска: Нудиме реформа која се фокусира на знаењата на децата, интеграцијата не значи намалување на часовите

Царовска: Нудиме реформа која се фокусира на знаењата на децата, интеграцијата не значи намалување на часовите
Скопје, 18 јануари 2021 (МИА) - Ако не направиме промени во основното образование денес, нема да фатиме чекор со светот, порача министерката Царовска во вечерашното гостување на ТВ Клан. - Реформата не е козметичка. Затоа ни е потребна реформа којашто ќе направи тектонски промени. За првпат имаме реформа која се фокусира на знаењето на децата. А сето ова го нуди оваа концепција, рече Царовска. Нагласи дека нема да се намали бројот на часови, ниту пак дека предметните наставници ќе останат без работа. Она што се добива со интегрирањето на предметите, како што посочи, е продлабочување на знаењата на учениците. - Намалување на бројот на часови нема или е многу ситно. Во делот на природни науки, поединечните дисциплини билогија, хемија, физика од шесто до деветто одделение се застапени со 16 часа, а во новиот наставен план се застапени со 18 часа. Додека општествените науки, како историја, географија и граѓанско, зошто географија ја имаме и во природни и во општествени науки, сега се застапени со 18 часа, а во новата концепција со 17 часа, заради тоа што физичка географија се префрлува во природни науки. Тоа укажува дека еднаков е бројот на часови. Интеграцијата на предмети не значи намалување на часови, значи намалување на предмети, но обемот останува ист, рече Царовска. Истакна дека главната идеја е од фактографско да се премине на учење со разбирање, а наставниците да имаат автономија во држењето на наставата. - За првпат ќе се даде можност ученикот да избира предмети со што ќе го поттикнеме  потенцијалот на секое дете. Сето ова ќе се постигне со интеграција на предметите што се предлага со концепцијата. Во исто време по различни предмети ќе се изучуваат исти теми, рече Царовска. Таа посочи дека почнува во две одделенија, не одеднаш во целата деветолетка, како што се спроведувале претходно некои реформи. аа/бак/

Остани поврзан