• петок, 22 ноември 2024

Хуманитарна штафетна трка „Подај рака 2022“ за лицата со Вилсон

Хуманитарна штафетна трка „Подај рака 2022“ за лицата со Вилсон
Скопје, 16 октомври 2022 (МИА) - Седмото издание на хуманитарната штафетна трка „Подај рака 2022“ за поддршка на заболените од ретката болест Вилсон ќе се одржи денеска од 11 часот на новата летна сцена во Градскиот парк (спроти кафеана Маргер). По пауза од две години поради пандемијата со Ковид-19, настанот повторно на исто место ќе ги собере лицата заболени од ретката болест Вилсон, нивните поддржувачи и љубителите на рекреацијата. - Со овој настан сакаме да им дадеме поддршка и на сите лица кај кои најчесто, како последица на ненавремена детекција, ретките болести оставиле непоправливи последици, како и да им оддадеме почит на оние кои прерано го изгубиле својот живот борејќи се со нив“, велат Здружението на граѓани за поддршка на лица со ретка болест - Вилсон, кое е организатор на трката. Нагласуваат дека раната детекција е суштинска во третирањето на оваа болест и во обезбедување нормален живот за пациентите. Примарна цел на хуманитарната штафетна трка е подигнување на јавната свест за ретките болести, како и поддршка во решавање на предизвиците со кои се соочуваат заболените и нивните блиски. Ретките болести се хронични состојби за кои од особено значење во контролата на болеста се раната детекција и навремената терапија. Трката, како и досега, ќе биде штафетна и ќе се трчаат четири пати по еден километар, а ќе има и детска трка бидејќи е многу важно најмладите да се запознаат и од мали да даваат поддршка на лица кои се соочуваат со ретки болести, паралелно развивајќи ја својата хуманост. Оваа година за првпат ќе се организира и трка со миленици. Покрај луѓето, кучињата исто така се изложени на болеста Вилсон. Во трката ќе учествуваат и лица заболени од Вилсон и од други ретки болести со што симболично ќе се покаже дека кога дијагностиката и терапијата се навремено аплицирани, со најголемиот број ретки болести може да се живее нормален живот, рамноправен со сите здрави луѓе. Како и секоја година, добрата забава и овој пат нема да изостане. За неа ќе се погрижат познати музички ѕвезди, кои на овој начин ја покажуваат и својата поддршка. Болеста Вилсон предизвикува нарушување во метаболизмот што доведува до таложење на бакар во црниот дроб, мозокот и очите, процес кој се одвива постепено, со години, пред појавата на првите симптоми.са/дма/

Остани поврзан