Хукстра: ЕУ е на добар пат да ги оствари климатските цели до 2030 година
- Споредено со 1990 година емисиите се намалени за 37 отсто, додека економијата порасна за речиси 70 проценти, докажувајќи дека климатската акција и растот одат рака под рака. Сега мора да продолжиме врз основа на овој моментум, рече Хукстра.
Брисел, 28 мај 2025 (МИА) - Националните планови за енергија и клима на земјите членки покажуваат дека ЕУ е на добар пат да ја постигне својата цел за нивото на намалување на емисиите на штетни гасови до 2030 година, изјави денеска еврокомесарот за клима, нулта нето емисија и чист раст Вопке Хукстра.
- Споредено со 1990 година емисиите се намалени за 37 отсто, додека економијата порасна за речиси 70 проценти, докажувајќи дека климатската акција и растот одат рака под рака. Сега мора да продолжиме врз основа на овој моментум, рече Хукстра.
Според него, инвестирањето во чисти технологии и иновации е од суштинско значење за европската индустриска конкурентност и отвора нови пазари за компаниите од ЕУ.
- Нашата посветеност на чистата транзиција им дава јасност на инвеститорите и ги зајакнува отпорноста и просперитетот на Европа. Ова е одлучувачки момент во кој секој сектор во секоја земја членка мора да даде свој придонес, додаде Хукстра.
Извршната потпретседателка за чиста, праведна и конкурентна транзиција Тереза Рибера, пак, нагласи дека ажурираните национални планови за енергија и клима докажуваат дека сигурните и предвидливи цели засновани на науката и соодветната регулатива даваат резултати.
- Националните планови за енергија и клима покажуваат дека зелената агенда не е само цел, туку начин за модернизација на нашите економии и за поттикнување на индустриските иновации и за повеќе можности за Европејците. Нашата задача сега е да ги зајакнеме нашите капацитети и да ги поттикнеме активностите без одлагања, рече Рибера.
Според неа, ако се продолжи со сегашното темпо емисиите на штетни гасови до 2040 година може да се намалат за 90 отсто.
- Конкурентноста, безбедноста, создавањето вредност и инклузивноста зависат од нашите капацитети за да продолжиме напред со конзистентен и сеопфатен политички акциски план, додаде Рибера.
Проценките на Европската комисија направени врз основа на анализа на националните планови за енергија и клима (НЕЦП) на земјите членки, покажуваат значителен напредок кон остварување на поставените енергетски и климатски целите за до 2030 година.
- Земјите членки на ЕУ значително ги подобрија своите планови по препораките на Комисијата во декември 2023 година. Како резултат на тоа, ЕУ колективно се приближува кон намалување на емисиите на стакленички гасови за 55 проценти, како што е предвидено во Европскиот закон за климата и достигнува удел од најмалку 42,5 отсто во користењето на енергија од обновливи извори, соопшти ЕК.
Според проценките на Комисијата, ЕУ во моментов е на пат да ги намали нето емисиите на стакленички гасови до 2030 година за околу 54 отсто во споредба со нивоата од 1990 година, доколку земјите членки целосно ги спроведат постојните и планираните национални мерки и политики.
- Во сегашниот геополитички контекст, ова покажува дека ЕУ останува на курсот на своите климатски обврски, инвестирајќи со решителност во транзицијата кон чиста енергија и давајќи приоритет на индустриската конкурентност на ЕУ и социјалната димензија. Земјите членки демонстрираат политичка решителност да ја намалат нашата зависност од увезени фосилни горива, да ја подобрат отпорноста и безбедноста на снабдувањето со енергија и на инфраструктурата, да ја забрзаат интеграцијата на внатрешниот пазар на енергија и да ги поддржат оние на кои им е најпотребна поддршка со инвестиции и развој на вештини, се наведува во проценките на Еврокомисијата.
Според ЕК, сега ЕУ и земјите членки треба да се фокусираат на претворање на плановите во конкретни акции за да се обезбеди стабилност и предвидливост, што вклучува и насочување на јавните средства за ефикасна поддршка на инвестициските проекти, поттикнување на приватните инвестиции и координирање на регионално и на европско ниво.
- Затоа, Комисијата ќе продолжи да ги поддржува напорите на земјите членки во спроведувањето и во решавањето на преостанатите празнини, посочува ЕК.
Регулативата за управување на Енергетската унија и климатската акција бара од земјите членки до ЕК да достават национални планови за енергија и клима, во кои ќе наведат како планираат да ги исполнат климатските и енергетските цели поставени за до 2030 година.
Членките на ЕУ своите НЕЦП требаше да ги достават до ЕК до 30 јуни 2023 година и врз основа на нив во декември 2023 година Комисијата објави анализа придружена со проценки и специфични препораки за секоја земја. По ова, земјите членки имаа рок до 30 јуни 2024 година да ги ажурираат своите национални планови врз основа на препораките на ЕК.
Сепак, три земји членки - Белгија, Естонија и Полска се уште не ги доставиле своите ажурирани национални планови до ЕК, па таа во денешната проценка ги потсетува дека мора да го сторат тоа без одлагање. сп/
Фото: МИА Архива