• среда, 08 јануари 2025

Хрнчирова: Во моментов во ЕУ нема потреба да се подготвуваме за нова пандемија 

Хрнчирова: Во моментов во ЕУ нема потреба да се подготвуваме за нова пандемија 

Брисел, 8 јануари 2024 (МИА) - Можам да ве уверам дека во моментов не е неопходно во ЕУ да се подготвиме за нова пандемија, изјави портпаролката на Европската комисија за социјални права и вештини, подготвеност, еднаквост, култура и здравство, Ева Хрнчирова во врска со регистрираниот прв случај на лице заболено од човечкиот метапневмовирус ХМПВ во Грција. 

- Свесни сме за извештаите во медиумите и за ситуацијата во Кина. Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) е многу внимателен во следењето на ситуацијата и за тоа ќе дискутира и Комитетот за здравство и состојбата ќе се следи и во наредните недели, нагласи Хрнчирова.  

Грчките медиуми јавија дека во Солун е потврден првиот случај на ХМПВ во Грција кај 71-годишен маж, кој најверојатно се заразил од неговата ќерка која била на одмор во Кина, каде што во моментов се регистрирани поголем број случаи на инфицирани со овој вирус. 

Сепак, според грчкиот министер за здравство Адонис Георгиадис „не постои никаква причина за загриженост“, бидејќи станува збор за веќе познат вирус.

- Метапневмовирусот не е нешто ново, како што беше Ковид во 2019 година, кога започна од Кина. Станува збор за познат вирус кој напаѓа луѓе со нарушено здравје или мали деца, кои се уште немаат развиено имунитет, рече Георгиадис. сп/

Фото: Скриншот

Остани поврзан