Хемиско оружје во Украина – пронајдени траги од солзавец во Днипро
- Траги од солзавец се пронајдени во централниот регион Днипро во Украина, соопшти Организацијата за забрана на хемиско оружје (OPCW). Украина побарала помош од OPCW, која испратила тим на терен по руската инвазија, пренесува Скај Њуз.
![Хемиско оружје во Украина – пронајдени траги од солзавец во Днипро](https://mia.mk/images/20250214195535_big_730x400_56.webp )
Хаг, 14 февруари 2025 (МИА) - Траги од солзавец се пронајдени во централниот регион Днипро во Украина, соопшти Организацијата за забрана на хемиско оружје (OPCW).
Украина побарала помош од OPCW, која испратила тим на терен по руската инвазија, пренесува Скај Њуз.
Според извештајот, во три инциденти во октомври биле собрани докази што покажуваат присуство на солзавец на гранати и во земјени примероци од областа.
Во ноември, организацијата веќе извести за слични наоди во регионот.
Тимот на OPCW нема овластување да утврдува одговорност, но Украина и САД обвинија дека Русија нелегално користи солзавец за расчистување ровови.
Според Конвенцијата за хемиско оружје, употребата на агенси за контрола на немири, како што е солзавецот, е забранета како метод на војување.
Во мај минатата година, Русија ги негираше обвинувањата дека го прекршила меѓународниот договор за забрана на хемиско оружје со употреба на задушливи агенси против украинските војници.
Кремљ ги отфрли тврдењата на САД дека руските сили користеле хемиски агенс хлоропикрин – истиот што германската војска го употребувала против сојузничките трупи во Првата светска војна.
САД исто така ја обвинија Русија дека користи агенси за контрола на немири „како метод на војување“ во Украина. ссм/
фото: архива