• сабота, 23 ноември 2024

Хелсиншки комитет: Апелираме за мирни протести без насилство

Хелсиншки комитет: Апелираме за мирни протести без насилство
Скопје, 6 јули 2022 (МИА) - Хелсиншкиот комитет изразува загриженост за настаните од вчерашниот протест против францускиот предлог, кој, како што велат, ескалирал со насилство и употреба на говор на омраза. -Го осудуваме секој чин на насилство и секој говор на омраза, како и поттикнувањето и повикувањето на насилство, како крајно штетни и спротивни на вредностите на едно демократско општество. Комитетот секогаш го поддржува правото на секој граѓанин кој сака да го изрази својот став преку мирен протест, како уставно загарантирано право. Оттука, повикуваме на мирни и достоинствени јавни собири на граѓаните што протестираат. Ги повикуваме полициските службеници со должно внимание да ги обезбедуваат протестите, без пречекорување на нивните надлежности, со употреба на пропорционална сила само доколку е потребно, се вели во денешното соопштение од Хелсиншкиот комитет. Оттаму апелираат сите политичари и јавни личности да внимаваат каков говор употребуваат во своите обраќања до јавноста и транспарентно да ги информираат граѓаните, без притоа да разгоруваат омраза и нетрпеливост. Дополнително, апелираат медиумите да внимаваат како ги пренесуваат моменталните случувања, водејќи се од начелата на објективност и непристрасност при известувањето. Хелсиншкиот комитет  нагласува дека ги следи протестите и настаните и ќе реагира соодветно на секој чин на насилство од која било страна. Доколку во кој било момент Комитетот увиди примена на прекумерна сила од страна на полицијата, ќе покрене постапки пред надлежните институции. сст/дма/

Остани поврзан