Хамас ги отфрли обвинувањата на САД за напад врз хуманитарен центар во Газа
- Хамас ги отфрли обвинувањата на американскиот Стејт департмент дека групата е одговорна за нападот во саботата врз центар за дистрибуција на хуманитарна помош во Газа, во кој беа повредени двајца Американци.
Газа, 7 јули 2025 (МИА) - Хамас ги отфрли обвинувањата на американскиот Стејт департмент дека групата е одговорна за нападот во саботата врз центар за дистрибуција на хуманитарна помош во Газа, во кој беа повредени двајца Американци.
Хуманитарната фондација за Газа (ХФГ), поддржана од САД и Израел, соопшти дека американски хуманитарни работници се на медицински третман по напад со граната, при што претрпеле повреди што не се животозагрозувачки. Претставник на „Ју Џи Солушионс“, компанија од Северна Каролина што обезбедува заштита на пунктовите за хуманитарна помош на ХФГ, изјави дека повредените Американци биле ангажирани како приватни обезбедувачи.
Обезбедувањето, поранешни припадници на американските специјални сили, не возвратиле со оган по нападот за да не ги загрозат цивилите во близина, додаде претставникот.
Медиумската служба на Хамас ги нарече обвинувањата на САД „заведувачки“ и изјави дека тие имаат за цел да ги оправдаат „продолжувањето на убиствата и гладувањето на палестинските цивили“.
„Категорично ги отфрламе тврдењата на Стејт департментот дека палестинската отпорничка група фрлила експлозиви врз американски службеници во објекти управувани од таканаречената Хуманитарна фондација за Газа“, се вели во соопштението на Хамас. ссм/
фото: архива