• понеделник, 05 јануари 2026

Фредериксен: САД да не испраќаат закани кон своите историски сојузници за Гренланд

Фредериксен: САД да не испраќаат закани кон своите историски сојузници за Гренланд

Копенхаген, 5 јануари 2026 (МИА) - Данската премиерка Мете Фредриксен синоќа им порача на САД да не гледаат поента во зборувањето за потребата од преземање на данската автономна територија Гренланд и да престанат да се закануваат на „историски близок сојузник“.

Таа тоа го напиша во порака на мрежата X откако сопругата на помошник шефот на кабинет на Белата куќа, Кејт Милер, објави на социјалните мрежи мапа на Гренланд покриена со американско знаме заедно со зборовите „наскоро“.

И американскиот претседател, Доналд Трамп, кој постојано повторуваше дека на Америка ѝ е потребен Гренланд за национална безбедност, вчера во интервју за списанието „Атлантик“, рече дека на Америка „навистина ѝ е потребен Гренланд“, кој, додаде тој, е опкружен со руски и кинески бродови.

Тензиите меѓу САД и Данска околу Гренланд повторно ескалираа кон крајот на декември, кога Трамп објави дека назначува специјален пратеник за големата данска автономна територија.

Данската премиерка вчера ги повика САД да престанат да се закануваат „на историски близок сојузник, и на друга земја и на друга нација што многу јасно кажала дека не се на продажба“.

„Кралството Данска, а со тоа и Гренланд, е членка на НАТО и затоа е опфатено со колективната безбедносна гаранција на Алијансата. Веќе имаме договор за одбрана меѓу Кралството Данска и САД што им обезбедува на САД широк пристап до Гренланд. Покрај тоа, Кралството направи значајни инвестиции во безбедноста на Арктикот“, напиша данската премиерка на мрежата X.

Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредрик Нилсен, реагираше на Фејсбук, посочувајќи дека сликата покажува непочитување и дека односите меѓу земјите и народите се темелат на почитување и на меѓународното право, а не на симболи што го игнорираат нивниот статус и права, објави Фигаро на својата веб-страница.

„Но, нема причина за паника или грижа“, додаде премиерот на островот и потсети дека Гренланд „не е на продажба“ и дека неговата иднина „не се одлучува на социјалните мрежи“.

И шведскиот премиер Улф Кристерсон напиша на мрежата X дека „само Данска и Гренланд имаат право да одлучуваат за прашања што се однесуваат на Данска и Гренланд“ и додаде дека Шведска целосно ја поддржува својата соседка, Данска.сд/јт/

фото:МИА архива

Остани поврзан