• петок, 05 декември 2025

ФотоСинтеза во Смилево – започнаа работилниците на Зрно фестивал 2025

ФотоСинтеза во Смилево – започнаа работилниците на Зрно фестивал 2025

Скопје, 17 јули 2025 (МИА) - Во живописното село Смилево, под падините на планината Бигла, денеска започна едукативната програма на фестивалот Зрно 2025 – еден од клучните настани во областа на алтернативната фотографија во регионот. Мотото на овогодинешното издание е: ФотоСинтеза – основа на животот!

Од 17 до 23 јули, ова село со богата историја и природна убавина е домаќин на осум интензивни работилници, што ги водат искусни автори и едукатори од различни европски земји. Учесници од цела Европа учат, експериментираат и творат, заедно со локалната заедница.

Овогодишната програма вклучува следниве ментори и тематски области: Предраг Узелац (Нови Сад) – колодиумска фотографија, Ивана Брезовац (Белград) – напредна црно-бела фотографија, Мартина Павлоска (Милано) – креативна игра со Полароид, Флориан Копр (Виена) – стратегии за развивање уметничка визија, Вјеран Хрпка (Осијек) – Фоџо и хемиграм техники, Дамијан Диаконеску (Темишвар) – гумоил и гум-бихромат принт, Емилија Сандиќ (Белград) – експерименти со мордансаж и Сашо Алушевски (Скопје) – цијанотипија и лумен принт.

Како дел од фестивалската програма, на 19 јули, во соработка со НУ „Смилевски Конгрес“ и патувачкото кино на МакеДокс, ќе се одржи јавен настан во центарот на селото. Настанот вклучува: изложба на австрискиот фотограф Флориан Копр во кооперацијата, проекција на филм под отворено небо, и акустичен концерт на Филис Синановска (тамбура, ут).

-Овој ден ќе биде вистински спој на современата фотографија, традицијата, заедништвото и отворениот дух на Зрно, наведуваат организаторите.

Посебен дел од годинашното издание е соработката со Државниот Архив на Македонија – одделение Битола, преку која учесниците ќе имаат можност да работат со дигитализирани негативи од колекцијата на Браќата Манаки.

Преку процесот на печатење позитиви, според организаторите, се отвора можност за фотографско патување низ времето и културната меморија на Македонија, и на негативите од старите ненадминати мајстори, да им се даде современ дух, со користење на фотографски техники, некои постари од нивното творештво.

Фестивалот Зрно е посветен на алтернативната фотографија, со фокус на аналогни, историски фотографски постапки-каде секоја фотографија се изработува рачно и е уникат. Покрај работилниците, програмата опфаќа теренски активности, дискусии и простор за слободно творење – сето тоа во опуштена и инспиративна атмосфера.

-Зрно е повеќе од фестивал – тоа е заедница што поврзува луѓе, култури и идеи, градејќи трајни релации меѓу поединци, институции и локални заедници, порачуваат организаторите на Фестивалот. вг/са/

Фото: Зрно Фестивал/групна колодиумска фотографија Узелац и Алушевски

Остани поврзан