• недела, 22 декември 2024

Формирање Колективна организација за заштита на авторски права - можно решение за неовластеното преземање на фотографии

Формирање Колективна организација за заштита на авторски права - можно решение за неовластеното преземање на фотографии

Скопје, 21 ноември 2023 (МИА) - Формирање на Здружение за колективно управување на фотографии, по примерот на Здружението за заштита на авторските музички права (ЗАМП), беше посочено како едно од можните решенија во надминувањето на предизвиците во заштитата на авторските права при неовластено преземање на фотографии во земјава, на денешната средба по иницијатива на Секцијата на фоторепортери при Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).

На дебатата присуствуваа извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски, фоторепортерите Томислав Георгиев и Петар Стојановски, адвокатот Валентин Пепељугоски, како и други истакнати говорници и експерти од медиумската фела.

Колективната организација не мора да ги опфаќа само фоторепортерите, вели адвокатот Пепељугоски, и додава дека организацијата може да вклучува и други слични професии. Доколку го земете примерот на Србија, вели тој, која на ист начин го има регулирано неовластеното преземање на фотографии, ќе видите дека во организацијата членуваат повеќе слични професии. Пепељугоски потенцираше дека Законот овозможува Колективната организација да направи сопствен ценовник.

-Спомнувам формирање на таква Колективна организација, бидејќи вас ви се сродни камерманите. Колективната организација не мора да биде само за една работа. Кога го земате примерот на Србија ќе видите дека таму организациите не се само за една, туку за повеќе професии. Исто е и во областа на филмот, ќе видите дека и таму се повеќе ставени. Законот го овозможува тоа. Вие ќе направите ваш ценовник, иако викате дека 300 евра за фотографија се малце, но на таков начин ќе му ја олесните работата на судот и на обвинителот, истакна Пепељугоски.

Извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски вели фоторепортерите се намалуваат во индустријата. На почетокот во Секцијата на фоторепортери при ЗНМ членувале 25 лица, но со текот на времето таа станала една од најмалите секции во Здружението на новинари.

-Не сите предизвици се исти за сите новинари и медиумски работници. Сметаме дека доколку има малку потаргетирано однесување на одредени прашања би биле поконструктивни. Ова е првата Секција при Здружението на новинари на Македонија. Целта е да видиме кој се клучните прашања и како можеме да ги адресираме до надлежните институции, и како да придонесеме да има поповолен амбиент во кој ќе работат медиумските работници, рече Секуловски. ра/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан