• сабота, 21 декември 2024

Формирано ново планинарско здружение во Кратово „Остри врв"

Формирано ново планинарско здружение во Кратово „Остри врв
Крива Паланка, 1 јуни 2021 (МИА) - Седуммина ентузијасти од Кратово, љубители на планината и природата го формираа здружението Планинарско - спортски клуб „Остри Врв„, кое според годишната програма има главна цел преку промоција на планираните активности да ги анимира младите луѓе да станат членови на здружението и да уживаат во природата. -Ние сме седуммина основачи, клубот е формиран во Кратово и во 2021 година ќе ги реализира следниве активности: зголемување на бројот на членовите, преку анимирање на младите, медиумски настапи за зголемување на видливоста на здружението, поттикнување донации од домашни и странски организации и институции за обезбедување средства за работа, соработка со слични организации од земјава и од странство и организирање планинарски тури во организација со останати здруженија согласно протоколите и условите во време на пандемија, информира Катерина Станковиќ, претседател на „Остри Врв". Цели на клубот сe  развој и унапредување на физичката култура, особено планинарството  како посебна форма на масовна физичка култура, вклучување што поголем број граѓани во обуки за планинарски знаења и вештини, како и создавање навики, слободното време да го минуваат во природа, особено во планина бидеќи планинарството е форма на активен одмор и рекреација преку кој се гради и формира здрав, силен и благороден член на заедницата. -Нашиот клуб ќе ги поддржува и ќе учествува во акциите со кои се одбележуваат настани од нашето историско минато, развивајќи кај своите членови особини на издржливост, снаодливост, скромност, другарство и самоиницијатива. Зачувување на природните убавини и богатства на планината, ќе се трудиме да создаваме услови за престој во природа, а особено во планина и во духот на човековата солидарност и пријателство преку сродни здруженија да работиме на запознавање и зближување со другите народи во светот, дополни Станковиќ. Месецов, на 5 јуни, здружението ќе организира  акција за искачување преку село Луково-Ичински Врв- кон манастирот Св Гаврил Лесновски, со која ќе го одбележи Светскиот ден за заштита на животната средина. На  6 јуни ќе се вклучат во еколошки акции во Амфитеатарот и Карши Бавча. ид/аа/  

Остани поврзан