• среда, 18 јуни 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Фон дер Лајен ќе присуствува на погребот на папата Франциск во Рим 

Фон дер Лајен ќе присуствува на погребот на папата Франциск во Рим 

Брисел, 22 април 2025 (МИА) – Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен в сабота ќе отпатува за Рим за да присуствува на погребот на папата Франциск, соопшти денеска заменичката портпаролка на ЕК, Аријана Подеста. 

- Светот жали за смртта на папата Франциск. Тој инспирираше милиони луѓе, дури и надвор од Католичката црква, со својата понизност и толку чиста љубов за помалку среќните. Нашите мислите се со сите што тагуваат поради оваа голема загуба. Нека најдат утеха во идејата дека наследството на папата Франциск ќе продолжи да не води сите нас кон поправеден, мирен и сочувствителен свет, изјави Подеста, пренесувајќи дел од пораката на Фон дер Лајен по повод смртта на понтифот. 

На прашање дали за време на престојот во Рим се предвидени некакви билатерални средби на Фон дер Лајен, пред се со претставници на Американската администрација, Подеста одговори дека целта на нејзиното патување е погребот на папата и засега нема закажано никакви други состаноци. 

- Не можам да исклучам дека се можни средби, но во овој момент нема никаков состанок што би можела да го најавам, рече Подсета. 

Конкретно во врска со средби со претставници на Американската администрација, Подеста потсети дека во моментов се водат технички разговори меѓу ЕУ и САД, додавајќи дека Фон дер Лајен изјави оти би било добро да се сретне со нејзините американски колеги откако ќе биде постигнат договор на овие преговори. 

- На тоа се уште работиме со американските колеги, така што не би разгледувала нешто во тој контекст што би било на наше барање, рече Подеста. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан