• понеделник, 23 декември 2024

Фон дер Лајен: Неотворањето преговори со Северна Македонија и Албанија ја загрозува поддршката на ЕУ во регионот

Фон дер Лајен: Неотворањето преговори со Северна Македонија и Албанија ја загрозува поддршката на ЕУ во регионот
Скопје, 6 октомври 2021 (МИА) - Нашите партнери од Западен Балкан преземаат важни реформи и видлив е нивниот напредок, но сега Европската Унија е на ред да испорача. Неотворањето преговори со Северна Македонија и Албанија го загрозува нашиот кредибилитет и поддршка во регионот, изјави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, на заедничката прес-конференција со претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел и премиерот на Словенија Јанез Јанша, по завршувањето на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ. - Важно е да се знае дека Европската комисија работи интензивно за да се пронајдат клучните прашања во билатералниот спор меѓу Северна Македонија и Бугарија, тоа се „пет плус едно“ прашање, за да се состави патоказот, како практичен чекор кон решавање на овој проблем, вели Фон дер Лајен. Како што јави известувачот на МИА од Брдо кај Крањ, таа во овој контекст додаде дека дијалогот, волјата за решавање проблеми, и капацитетот да се решаваат тешки и сложени прашања, се во срцето на она што е и самата Европска Унија и изрази уверување дека овие прашања можат да се решат. - Свесна сум за фактот дека прво треба да ги решиме прашањата, тука е билатералното прашање меѓу Бугарија и Северна Македонија, и убедена сум дека ќе најдеме решение и важна беше и силната поддршка за ова прашање изразена на Самитот, рече таа. Фон дер Лајен ги поздрави реформите во клучните области во земјите од регионот - владеење на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал, слободата на медиуми и економските реформи, додавајќи оти е важно да се одржи нивниот курс. - Пораката на Европската комисија е многу јасна - Западен Балкан е дел од истата Европа како и ЕУ. Ние делиме иста историја, исто интереси, вредности и убедена сум оти делиме и иста судбина. ЕУ не е комплетна без Западен Балкан. Европската комисија ќе прави се за да го забрза процесот на проширување и европската интеграција на регионот. Го сакаме Западен Балкан во Европската Унија и нема сомневања дека нашата цел е проширувањето, подвлече Фон дер Лајен. Нејзина втора порака, како што рече, денеска е дека Економскиот и инвестициски план e јадрото на ангажманот на ЕУ во регионот, што е важно и за заедничкиот регионален пазар. Самиот факт, додаде таа, што вложуваме 30 милијади евра во регионот е доказ дека сме најсигурен партнер на Западен Балкан и ќе останеме најблизок партнер во годините и децениите што доаѓаат. - Минатата недела ги посетив шесте земји од Западен Балкан и исто така го почувствував нетрпението на населението таму, како и нивната фрустрација од одолговлекувањето на процесот да се приклучат кон ЕУ. И јас го разбирам тоа. Мнозинството лидери ја искажаа поддршката за проширувањето, особено да се направи чекор напред со Албанија и со Северна Македонија, дури ова беше изразено и од најскептичните лидери. И ова е многу јасен знак за прашењето за прширувањето, децидна е претседателката на ЕК. ац/нд/  

Остани поврзан