• вторник, 23 јули 2024

Фондот на Холокаустот засади пет туји по повод празникот Ту Бишват

Фондот на Холокаустот засади пет туји по повод празникот Ту Бишват
Скопје, 17 јануари 2022 (МИА) - Фондот на Холокаустот денеска по повод празникот Ту Бишват организираше акција во чии рамки беа засадени пет нови туји во паркот пред Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија во Скопје. - Во животот на Евреите, дрвјата секогаш имале клучна улога и кон нив се однесувале со посебна почит. Садењето дрво значи надеж, објави Фондот на Холокаустот на својата Фејсбук страница. Фондот потсетува дека според еврејската традиција на празникот Ту Бишват уште од дамнешни времиња се саделе дрвја за децата родени во текот претходната година - за момче - кедар, со желба детето да порасне за да биде високо и исправено, а за девојче - чемпрес, за да биде благодатна и миризлива. Подоцна, од гранките од чемпресот и кедарот на невестата и младоженецот им била правена хупа (крошна) за нивната свадбена церемонија. - Значи садењето е поврзано со два најважни периода во животот на човекот, раѓањето и бракот, два момента кога се работи за иднината. Оваа традиција е толку моќна што дури и во концентрациониот логор Теризенштад децата засадиле дрво, се додава во објавата. Од Фондот на Холокаустот нагласуваат дека Тората забранува уништување на овошни дрвја, дури и во време на војна. - Садењето исто така се сметало за начин да се создаде вечност. Садиме за нашата иднина, посочуваат од Фондот на Холокаустот. сп/

Остани поврзан