• сабота, 03 мај 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Чешкиот премиер ја обвини Русија дека не сака мир

Чешкиот премиер ја обвини Русија дека не сака мир

Прага, 24 април 2025 (МИА) - Чешкиот премиер Петр Фијала, по рускиот напад на Киев, го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека не сака мир и го предупреди Западот дека единствениот пат за мир во Европа е преку силна воена помош за Украина.

„Додека Украина го прифати американскиот предлог за прекин на огнот на почетокот на април, Русија денеска повторно ги нападна украинските градови, цивили и деца. Путин никогаш не сакаше мир, единствениот начин за мир во Европа е преку силна воена поддршка на Украина“, напиша чешкиот премиер на мрежата Икс.

Шефот на чешката дипломатија Јан Липавски денеска апелираше до меѓународната заедница дополнително да ја зголеми помошта за Украина.

„Русите нема да престанат со нивните ѕверства. Напротив, демократскиот свет мора да ја зголеми помошта за Украина“, рече Липавски.

Претседателот на Чешката Република Петр Павел во средата оцени дека американската мировна иницијатива изгледа како претседателот Доналд Трамп да се обидува да преговара за секаков вид мир по секоја цена, без да земе предвид какви последици има тоа врз Украина и Европа, само за да може да објави дека ја завршил таа војна. паг/

Фото: ЕПА
  
 

 

Остани поврзан