• петок, 22 ноември 2024

ФИТР чекор поблиску до акредитација во Зелениот климатски фонд (ЗКФ) 

ФИТР чекор поблиску до акредитација во Зелениот климатски фонд (ЗКФ) 

Скопје, 13 април 2023 (МИА) - Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) денеска соопшти дека поднесе апликација за акредитација во Зелениот климатски фонд (ЗКФ).

Со успешно завршување на процесот на акредитирање ФИТР, како што наведуваат од Фондот, ќе стане прва акредитирана национална институција во земјава која ќе овозможи поголем пристап до финансии од ЗКФ наменети за реализирање на климатските програмски приоритети и поттикнување иновативни, зелени инвестиции, со целосна сопственост во процесот на климатско финансирање и негово подобро интегрирање со националните акциски планови за клима.

-Горд сум на тимот на ФИТР, кој со поддршка од Организација за храна и земјоделство (ФАО), изминатиот период напорно работеше на подготовка на Анализа на јаз согласно критериумите за акредитација на ЗКФ како и подготовка на План на активности за надминување на идентификуваните јазови, како дел од процесот на поднесување на апликацијата за акредитација од ЗКФ. Со овој чекор, активно се вклучуваме во борбата со климатските промени и јасно ставаме до знаење дека зелените инвестиции се фокусот на работа на Фондот за иновации и технолошки развој во наредниот период. Сите ние мора да превземеме конкретен чекор за да овозможиме подобра иднина ние и новите генерации, истакна директорот на ФИТР, Фестим Халили.

Согласно Одлука на Владата, Фондот за иновации и технолошки развој беше назначен да биде првиот национален субјект кој ќе почне постапка за акредитација од ЗКФ.

-Како централна институција за поддршка на микро, мали и средни претпријатија со развиен механизам за креирање инструменти за поддршка, ФИТР е стратешки соодветен субјект за да стане ентитет со директен пристап до ЗКФ од Република Северна Македонија, на кој начин ќе добие побрз и лесен пристап за користење на средствата од Зелениот климатски фонд за да придонесе кон имплементација на климатските програмски приоритети на Република Северна Македонија. Како почеток на заложбите на ФИТР во насока на поттикнување на зелените инвестиции во приватниот сектор, минатата година Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања и ФАО, објави повик за „Справување со климатски промени 2022”. Пет домашни компании се добитници на финансиска поддршка во вкупен износ од 7,5 милиони денари, кој веќе започнаа со реализација на своите иновативните решенија со кои ќе овозможат развој на иновативни, климатски/чисти технологии, производи и/или процеси насочени кон ублажување или намалување на последиците од климатските промени, информира ФИТР. мч/дма/

фото: ФИТР

Остани поврзан