ФИТР и ИНОФЕИТ со соработка за зајакнување на дигиталната трансформација на македонската економија
- Фондот за иновации и технолошки развој и Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ, денеска потпишаа договор за соработка со цел унапредување на дигиталната трансформација и иновацискиот капацитет на македонските компании.
Скопје, 7 мај 2025 (МИА) - Фондот за иновации и технолошки развој и Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ, денеска потпишаа договор за соработка со цел унапредување на дигиталната трансформација и иновацискиот капацитет на македонските компании.
Со оваа соработка, ФИТР ќе го преземе кофинансирањето на проектот ИНОФЕИТ ЕДИХ (европски дигитален иновациски хаб), кој претставува платформа за дигитална трансформација, иновации и технолошки развој во земјава. Проектот ќе се спроведува од страна на конзорциум предводен од ИНОФЕИТ. Целта е да се обезбеди стратешка поддршка за микро, мали и средни претпријатија и јавни институции, унапредување на нивната конкурентност преку користење на напредни дигитални технологии.
- Овој договор претставува ново поглавје во заедничките напори за развој на одржлива, конкурентна и технолошки напредна економија, преку здружување на развојните политики, инфраструктура и знаење на ФИТР и ИНОФЕИТ. Денес отвораме нови хоризонти за нашите компании да добијат пристап до најсовремени технологии, обуки и финансии – тоа што им е потребно за да растат и да бидат конкурентни. Верувам дека токму преку ваквите партнерства градиме нова, дигитална, иновативна и европска економија, изјави Никола Додов, вд директор на Фонд за иновации и технолошки развој, соопшти ФИТР.
Директорот на ИНОФЕИТ Димитар Ташковски истакнал дека со договорот се обезбедува национално кофинансирање на ИНОФЕИТ ЕДИХ за 2025 и 2026 со што нашата држава покажува дека цврсто стои зад напорите за дигитална трансформација, поддршка на иновациите и зголемување на конкурентноста на домашните компании.
- Поддршката од државата е доказ за визијата и препознавањето на капацитетите на ИНОФЕИТ и неговата улога во процесот на зголемување на иновативноста и развојот на дигитални услуги во македонското општество. Изразувам голема благодарност до ФИТР за поддршката на проектот, изјавил Ташковски.
Деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) Владимир Атанасовски истакнал дека нивниот центар за трансфер на технологии и иновации уште еднаш покажал дека е лидер во македонскиот иновациски екосистем со добивање на проектот за воспоставување на првиот ЕДИХ во Македонија.
- Кофинансирањето од ФИТР е суштинско за непречено одвивање на проектните активности и спроведување на проектните цели во насока на дигитална и зелена трансформација на нашето општество. Воспоставувањето на инфраструктура како ЕДИХ е значаен чекор кон напорите за доближување до европските практики за развој на иновации и трансфер на технологии, изјавил Атанасовски.
Во рамки на својата мисија, ИНОФЕИТ ЕДИХ нуди услуги како што се тестирање пред инвестирање – пристап до лаборатории и дигитални алатки за експериментирање со иновативни технологии, развој на дигитални вештини – обуки и тренинзи во клучни технолошки области како вештачка интелигенција, сајбер-безбедност, роботика. ИНОФЕИТ ЕДИХ исто така обезбедува поддршка за пристап до финансии – помош при идентификација и искористување на можности за финансирање преку грантови, европски фондови и инвеститори и вмрежување и градење на иновациски екосистем – организирање на настани и хакатони за поттикнување на соработка и размена на знаење.
ИНОФЕИТ ЕДИХ е дел од европската мрежа на дигитални иновациски хабови, ко-финансиран од Европската комисија преку Програмата за дигитална Европа 2021–2027 и Владата на Република Македонија. Во следните четири години, центарот ќе обезбеди над 300 бесплатни услуги во вредност од 2 милиони евра, насочени кон дигитализација и технолошки напредок. ев/бак/
Фото: ФИТР