• сабота, 23 ноември 2024

ФИТР и ДЗИС потпишаа меморандум за соработка со цел поттикнување иновации и афирмација на домашните компании

ФИТР и ДЗИС потпишаа меморандум за соработка со цел поттикнување иновации и афирмација на домашните компании
Скопје, 16 февруари 2021 (МИА) – Фондот за иновации и технолошки развој и Државниот завод за индустриска сопственост потпишаа меморандум за соработка со цел поттикнување на иновациите и афирмација на домашните компании и организации. Соработката ќе се реализира преку организирање на активности за поттикнување на заштита на иновациите, размена на информации, знаења и искуства, учество во работни тела и организирање на настани, инфо сесии, обуки, работилници и промоции. - Очекувам ваквата соработка да придонесе за подигнување на свеста за потребата од заштита на иновативните производи и услуги на македонските компании, како и бенефитите кои произлегуваат од стекнувањето на заштитата. Со заеднички напори, размена на информации и идеи ќе овозможиме македонските иноватори да успеат и да станат поконкурентни на домашните и странски пазари, изјави Коста Петров, директор на ФИТР. Директорот на Заводот за индустриска сопственост Горан Герасимовски се надева дека преку овој меморандум домашните компании се повеќе ќе ги заштитуваат своите производи. - Преку овој Меморандум на соработка верувам дека домашните компании се повеќе ќе ги заштитуваат своите производи, бидејќи патентот, трговската марка, индустрискиот дизајн, географскиот назив не само што ја јакне конкурентноста на претпријатието туку го зголемува угледот преку тоа што го докажува својот технички капацитет, инвентивноста и експертиза во областа во која тоа претпријатие работи, изјави Герасимовски. Од ФИТР оценуваат дека со ваков пристап, прават значителен чекор во поттикнување и развој и на македонската стартап сцена и поголем раст на домашните компании. бак/дма/

Остани поврзан