• петок, 22 ноември 2024

Финската премиерка Марин во посета на Тирана 

Финската премиерка Марин во посета на Тирана 
Тирана, 21 јуни 2022 (МИА) - Финска го поддржува проширувањето на Европска Унија и се согласува, без никакво одлагање, да започнат преговорите со Северна Македонија и Албанија, изјави финската премиерка Сана Марин, на заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама. Марин, која по вчерашната посета на Скопје денеска е во Тирана, наведе дека Албанија има силен глас на глобално ниво. - Албанија и Северна Македонија ја имаат нашата силна поддршка за членство во ЕУ. Сакаме да ве видиме како дел од ЕУ. Го цениме вашиот глас кога станува збор за претставување во меѓународни групи. Сакам да ви честитам за работата во Советот за безбедност на ОН. Искажувам голема благодарност за вашата поддршката за Финска и за Шведска за членство во НАТО, што ќе ја засилат Алијансата и ќе ја направат побезбедна, истакна Марин. Нејзиниот колега, Рама изјави дека разговарале за отворањето на преговорите за членство на Албанија во ЕУ, додавајќи дека Финска се обидува да го ослободи процесот. Тој додаде дека Албанија го поддржува членството на Финска во НАТО и оти Алијансата треба да ги отвори вратите за неа и за Шведска. - Разговаравме за тоа што следува во наредните денови, во врска со официјалното отворање на преговорите за членство на Албанија во ЕУ. И реков дека не очекувам ништо, но Финска се обидува да отвори пат и да го ослободи процесот. Го поддржуваме влезот на Финска во НАТО, двете земји кандидати се додадена вредност на алијансата. Вратите треба да бидат отворени за двете земји, Финска и Шведска. Треба да бидеме привилегирани што ни се дава можност да направиме нешто за Финска, посочи Рама. Албанија пред неколку дена со одлука на Владата даде зелено светло за проширување на НАТО, со членството на Шведска и Финска. вт/ми/

Остани поврзан