• петок, 22 ноември 2024

Финансиските инспектори го проверуваат повикот за новогодишното украсување на Град Скопје

Финансиските инспектори го проверуваат повикот за новогодишното украсување на Град Скопје

Скопје, 25 декември 2023 (МИА) - Инспектори од Управата за финансиска полиција денеска влегле во Град Скопје за да проверат како е реализирано новогодишното украсување на главниот град, потврдуваат за МИА од Управата за финансиска полиција.

Од Управата за финансиска полиција не откриваат повеќе детали, нагласувајќи дека предистрагата е тајна и откако ќе заврши увидот, ќе излезат соодветни законски мерки.

- Имајќи предвид дека сите дејствија преземени во предистражната постапка, согласно член 289 од Законот за кривична постапка, се сметаат за тајна, за добиените пријави и сознанија на евентуално сторени инкриминирани дејствија од страна на одговорни лица, Управата за финансиска полиција ќе достави соодветен писмен поднесок до надлежниот Јавен обвинител, велат од Управата за финансиска полиција.

Во меѓувреме градоначалничката Данела Арсовска, на својот Фејсбук профил објави фотографија како игра шах со Дедо Мраз во, како што напиша, „исчекување на резултатите од истрагата за елката“.

По забелешките во јавноста за новогодишното украсување во Скопје и реакциите дека не е објавен тендер, од Град Скопје излегоа со информација дека украсувањето на градскиот плоштад, главните сообраќајници и новогодишниот базар се финансирани преку јавен повик, кој бил објавен согласно актите и прописите како и сите останати јавни повици.

- Ова неколкупати досега е кажано, образложено во детали и транспарентно презентирано на јавноста. Оттука, секоја друга останата „вест“ е обид за манипулација, сензационализам и шпекулации, информираа од Град Скопје.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска информираше дека украсувањето на главниот град ќе чини 30 илјади евра, многу помалку во споредба со другите години.

Претходно, од Основното јавното обвинителство  посочија дека доколку не оформи предмет Управата за финансиска полиција, во чија надлежност е следењето како се трошат народните пари, тогаш тие ќе го сторат тоа.

Овој увид доаѓа по бројните реакции во јавноста за новогодишното украсување во главниот град бидејќи не е објавен тендер. аа/хс/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан