• понеделник, 23 декември 2024

Филмска работилница во Битола во рамки на настанот „Наследниците на Манаки“

Филмска работилница во Битола во рамки на настанот „Наследниците на Манаки“

Скопје, 22 септември 2023 (МИА) - Филмска работилница се одржала денеска во Културниот центар „Магаза“, во рамки на настанот „Наследниците на Манаки“, дел од Офф пограмата во склоп на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Режисерката Марија Џиџева пред младите битолчани се осврнала на животот на браќата Манаки.

- Тие снимале и ги документирале сите настани што се случувале во тоа време. Првиот филм го снимиле во 1905 година и се викал „Баба Деспина“, која всушност е нивната баба која имала 114 години. Снимајќи со камера 300, ја снимиле бабата како преде. Ова се нашите корени, почетоците на филмот. Ова е нашата основа за тоа како ќе се изградиме понатаму професионално, посочила Џиџева.

Целта на овие работилници, како што наведуваат организаторите, е младите да се запознаат со работата, животот и делата на браќата Манаки.

- Идејата на оваа работилница е да декомпонираме сцена, да се стават во улога на сниматели и сто и нешто години подоцна, да раскажат приказна за Битола преку нивните телефони, која ќе биде продолжение на приказните што ги работеле браќата Манаки, изјавила Џиџева.

Во рамки на Офф програмата, секој ден, почнувајќи од денес до 29 овој месец во Културниот центар „Магаза“ ќе се одржуваат презентации, изложби и работилници. бд/бак/

 

Остани поврзан