• сабота, 23 ноември 2024

Филмот „Снежана на крајот умира“ финансиски поддржан од Кипар

Филмот „Снежана на крајот умира“ финансиски поддржан од Кипар
Скопје, 4 октомври 2021 (МИА) - Филмот „Снежана на крајот умира“ по сценарио и режија на Кристијан Ристески доби финансиска поддршка од Република Кипар во износ од 44.000 евра и е обезбедена преку копродуцентот Константинос Никифору - „Карета филмс“. Како што соопшти продукцијата на филмот „Вертиго висуал“, покрај соработката со композиторот Ставрос Макрис, со средствата ќе бидат покриени и тонската финализација и колор-корекцијата на филмот. Оттаму наведуваат дека ова е прва филмска копродукција помеѓу Македонија и Кипар и воопшто - прва културна соработка помеѓу овие две земји. -Иницирањето соработка со држава со која досега не сме копродуцирале е голем успех за македонската, но и за кипарската кинематографија. Малите кинематографии, како нашите, многу зависат од реципроцитетот во финансирањето и се надевам дека оваа соработка ќе им отвори врата на многу македонски и кипарски продуценти и автори при реализацијата на нивните идни проекти, истакнува  процудентот Дарко Попов. „Снежана на крајот умира“ е дебитантски филм на Кристијан Ристески чија премиера ќе биде во текот на 2022 година. Како што е наведено во соопштението, сценариото е развивано на „Мидпоинт Македонија“ и на престижната работилница за сценарио „Sources 2“, а во развојната фаза проектот беше успешно презентиран на „Cinelink“ во склоп на Филмскиот фестивал во Сараево и на „Balkan Film Market“ во Тирана. Главните улоги ги толкуваат Верица Недеска, Тино Костадиновски, Сашко Коцев, Ивица Димитријевиќ, Дениз Абдула, Давид Јанакиев и Наташа Петровиќ. Кинематографери се Димо Попов и Севдије Кастрати, костимограф - Емилија Ивановска-Атанасовска, сценограф - Сашо Блажевски. Александар Пејовски е композитор на филмот, Мојца Горогранц-Петрушевска - маскер/шминкер и Горан Вуќиќ - монтажер. Филмот е во продукција на „Вертиго висуал“, а продуценти се Дарко Попов и Јовица Пановски. хс/ цр  

Остани поврзан