• недела, 22 декември 2024

Филков: Би сакал Академијата за судии и јавни обвинители да се врати на патеките од пред многу години

Филков: Би сакал Академијата за судии и јавни обвинители да се врати на патеките од пред многу години

Скопје, 16 октомври 2023 (МИА) – Министерот за правда Игор Филков не го коментира начинот на избор на новата директорка на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, но смета дека изборот треба да биде транспарентен.

Одговарајќи на новинарско прашање зошто изборот на обвинителката Ирина Трајкоска-Стрезоски во понеделникот за нов директор на институцијата бил на седница затворена за јавноста, спротивно на статутот на Академијата според кој одлуките се носат јавно, Филков рече дека тоа е одлука и став на Управниот одбор. 

Но, додаде дека би сакал оваа Академија „да се врати на патеките од пред многу години“ кога не се занимавала со коруптивни скандали и од која излегувале генерации што се гордост за сите. 

- Ние не можеме да ја коментираме постапката зошто и како некој гласал. Нивниот генерален едногласен став е да гласаат на таков начин. Но, мојот генерален став и ставот на Министерството за правда е секојпат да се оди со транспарентност. Начинот на избор во Академијата е колективна одлука на Управниот одбор и тука не можам да коментирам ништо. Но, би можел да коментирам дека јас би сакал Академијата да се врати на оние патеки од пред многу години кога не се занимаваа со коруптивни скандали и вадеа генерации како оние првите со коишто сите ние се гордееме. Тоа го сакам искрено и за тоа ќе ја имаат мојата поддршка, истакна Филков одговарајќи на новинарски прашања по отчетот за сто дена Влада. 

Обвинителката Ирина Трајкоска Стрезоски од Вишото јавно обвинителство Битола завчера, на гласање на Управниот одбор, е избрана за нова директорка на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ со мандат од четири години. хс/бак/ 

Фото: МИА архива / принтскрин

 

Остани поврзан