• петок, 22 ноември 2024

Филип Николоски: Свесно решивме да не издадеме еврообврзница и заштедивме околу 40 милиони евра со обезбедување средства со многу пониски камати

Филип Николоски: Свесно решивме да не издадеме еврообврзница и заштедивме околу 40 милиони евра со обезбедување средства со многу пониски камати
Скопје, 19 октомври 2022 (МИА) - Постигнати се заштеди во висина околу 40 милиони евра на годишно ниво со обезбедување средства со пониски камати од оние на глобалниот пазар на капитал. Работиме домаќински за да можеме со што пониска камата да го финансираме дефицитот. За следната година е предвиден понизок буџетски дефицит, а со новиот Закон за буџети се предвидуваат строги фискални правила согласно кои буџетскиот дефицит треба да биде до 3 проценти, истакна заменик-министерот, Филип Николоски на деветтиот Ерсте инвеститорски форум. Ова, како што кажа, е тешка година. -Од аспект на финансирањето на Буџетот, од голема важност беше не само каде и кога би се задолжиле, туку пред сè по која цена би го направиле тоа. Многу внимателно ги следевме состојбите на финансискиот пазар и свесно решивме да не издадеме еврообврзница чија цена и пролетта и сега изнесува 8 процентни поени. Наместо тоа обезбедивме средства чија просечна камата севкупно изнесува околу 3,5 процентни поени, што претставува разлика од 4,5 процентни поени, рече Николоски. Тука, притоа, како што кажа, спаѓаат средствата обезбедени од Кредитната линија за претпазливост и ликвидност од ММФ во износ од 530 милиони евра, потоа кредитот од „Шпаркасе“ во износ од 50 милиони евра со камата од 1,15 отсто и 12-месечен ЕУРИБОР, германската обврзница од Дојче банк во износ од 250 милиони евра, со каматна стапка од 3,75 отсто и 6-месечен ЕУРИБОР, како и средства од издавање државни хартии од вредност на домашниот пазар. Тој на панел-дискусијата насловена „Економските и пазарни изгледи: Повторување на кризата од 1970-та?“, во рамки на Ерсте инвеститорскиот форум, рече дека од голема важност е и новиот Закон за буџети со кој се воведуваат строги правила за висината на буџетскиот дефицит и долгот на општата власт, што е нотирано и во последниот извештај на ЕК за напредокот на земјата. -Законот за буџети содржи и одредби за формирање независно тело, Фискален совет, коешто ќе ја следи усогласеноста со фискалните правила. Неговото воспоставување треба да обезбеди независни и професионални анализи и мислења за макроекономските и фискалните претпоставки, фискалната стратегија, Буџетот, извештаите за реализација на Буџетот, фискалните ризици и слично. Во насока на зголемување на отчетноста на Владата, се воведува и изјава за фискалната политика која треба да ги содржи насоките за фискалната стратегија за времетраење на мандатот. Воедно, преку интегрираниот информациски систем за управување со јавни финансии – ИФМИС, на чија имплементација се работи, ќе се овозможи подобро планирање и следење на реализацијата на приходите и на расходите во Буџетот, како и контрола на истите, потенцира Николоски.вј/дма/  

Остани поврзан