• понеделник, 23 декември 2024

Филипче: Само со глас за Кондовски, Битола ќе има инфраструктурен бум

Филипче: Само со глас за Кондовски, Битола ќе има инфраструктурен бум
Битола, 13 октомври 2021 (МИА) - Само со глас за Христо Кондовски, Битола добива градоначалник кој се грижи за сите граѓани и на кој граѓаните му се важни. Само со Кондовски, битолчани добиваат докажан професионалец кој знае да води, знае да менаџира и знае да комуницира со граѓаните. Токму таков човек ќе донесе развој на Битола, порача потпретседателот на СДСМ и министер за здравство Венко Филипче од вечерашната трибина во Битола. - Верувам дека со Христо Кондовски градот во следните четири години ќе доживее инфраструктурен бум. Јас силно верувам дека и Христо и неговиот тим имаат и знаење и искуство да го насочат буџетот на градот кон развој на инфраструктурата. Свесен сум дека тоа е најголемиот проблем, а силно верувам дека Христо и неговиот тим тоа може да го реализираат. Понатаму, со добро менаџирање и развој, но истовремено и со силна поддршка од централната власт, во Битола ќе се отворат и многу нови работни места, и компаниите ќе имаат силна поддршка и од општината, рече Филипче. Нагласи дека на Битола и треба економски развој, втората област, како што рече, во која исто така ќе се инвестира. Сигурен е, рече,  дека она што во следните четири години ќе биде направено, нема да се спореди со ништо што е направено досега, без разлика дали е тоа подобрување на комуналната хигиена, или е во врска со загадувањето или урбанистичкото уредување. - Тоа драги битолчани го гарантира вашиот кандидат Христо Кондовски заради тоа што веќе докажал како се работи, како се менаџира, како се вложува, како се обезбедува плата за врабтоени и на крајот како се управува. На Битола и е потребен добар менаџер кој ги знае проблемите на граѓаните и вие имате среќа што имате таков човек и добро знаете кој број да го заокружите на 17 октомври – бројот 12, порача Филипче. Кандидатот за градоначалник на Битола од СДСМ и Коалицијата Христо Кондовски се осврна на проектите содржани во изборната програма и вети нејзина целосна реализација во четиригодишниот мандат. - Само ние презентираме проекти, само ние кажуваме рокови, само ние кажуваме време на реализација и цена на чинење на нашите проекти. Другите ништо не кажуваат, само критикуваат. Затоа ќе победиме, затоа на 17 октомври ќе славиме. Програмата не е работена во канцеларија, туку на терен. Затоа е најдобрата програма, затоа нуди решенија за нашите проблеми, нуди локален економски развој, затоа носи победа на 17 октомври, рече Кондовски. Проектите што ги нуди ги опфаќаат сите сфери од живеењето на граѓаните – инфраструктура, зеленило, раст и развој, обновливи извори на енергија и, како што рече, даваат надеж на младите. - Ќе го преуредиме централното градско јадро, кога ќе се влегува во Битола, ќе се знае дека се влегува во модерен и урбан град, индустриската зона ќе биде во склад со потребите на стопанството, Генералниот урбанистички план ќе биде современ и во склад на потребите на Битола. За секој квадратен метар бетон, ќе имаме квадратен метар зеленило. И не се срамиме тоа да го повторуваме дека 100 проценти ќе ја реализираме програмата, дека Битола ќе биде локален економски развоен центар, Битола со која ќе се гордее секој битолчанец после четири години, порача Кондовски. хс/цр

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан