• петок, 05 декември 2025

Филипче од Штип: Мицкоски да не глуми опозиција, не сака ни реформи ни правда, туку судство под контрола

Филипче од Штип: Мицкоски да не глуми опозиција, не сака ни реформи ни правда, туку судство под контрола

Штип, 30 септември 2025 (МИА) - Го слушам Мицкоски вчера, вика после изборите ќе донеле правда. Немало правда заради СДСМ и Филипче. Мицкоски, дали си ти уште во опозиција? Што направи ти за правдата да кажеш после година и пол? Што? Освен што вработивте во судството и обвинителството ваши луѓе — баџанаци, сопрузи на градоначалници. Што друго направивте?, истакна во својот вечерашен говор  претседателот на СДСМ,  Венко Филипче, на граѓанската трибина во Штип.

Филипче потенцираше дека власта на ВМРО-ДПМНЕ нема вистинска намера да донесе реформи во правосудството, но дека тоа СДСМ нема да го дозволи.

 -Вистината е дека не сакате правда, сакате ваша правда, контролирана правда. За да сеете страв, да вршите притисоци и да владеете со уцени. Тоа сакате и ништо друго. Ама СДСМ тоа нема да го дозволи. Тој филм го гледавме и го знаеме, порача Филипче.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ свесно бега од реформите и ги блокира сите обиди за подобрување на системот и затоа од нив граѓаните не може да очекуваат правда.

 -И баш затоа не спроведувате реформи, затоа ги фрливте законите во ѓубре, затоа избегавте од нашата понуда на СДСМ заедно да ги направиме реформите. Со ВМРО-ДПМНЕ правда нема, рече  Филипче.

Тој во своето обраќање пред штипјани потенцираше и дека денес живееме реалност, којашто сите ја чувствуваме, а тоа е какошто рече  власта на ВМРО ДПМНЕ со своите сателити ја турка земјата во темнина во партизација, непотизам и злоупотреби.

-Наместо иднина хаос и неизвесност. Што гледаат граѓаните ароганција, самобендисаност, луксуз на сметка на народот. Додека семејствата стегаат заби до следната плата, тие се фалат само со пиар, со подароци, привилегии и со авиолетови. Пензионерите добија измама, рече Филипче.

Забележа дека ќесата со која се враќаат граѓаните од маркетите е полесна од било кога и помалку може да се купи со платите и пензиите.

Претседателот на СДСМ, Филипче порача и дека овие избори се момент на нов почеток, а секој глас за СДСМ е цигла во  заеднички дом

-Секој член, секој симпатизер, секој што верува во социјалдемократската идеја станете, вклучете се. Организирајте го маалото, разговарајте со соседот, помогнете на терен. Нема мал придонес. Секој повратен глас е цигла во нашиот заеднички дом. СДСМ на овие избори излегува со нова понуда и нова енергија: чесни и проверени луѓе, кандидати со професија и резултати, луѓе со интегритет што ќе работат за вас, не за партија. Луѓе што нема да ми одговараат мене, ќе одговараат пред вас граѓаните. Ова е суштинската разлика меѓу нас и ВМРО-ДПМНЕ, ние нудиме локална власт како сервис за граѓаните. Ќе нè гледате и ќе нè контролирате. Така се враќа довербата, рече Филипче. 

На вечершаниот митинг на СДСМ во Штип се обрати и потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова, која истакна дека СДСМ е препознатлив по фајтерскиот дух, а како што рече изминатите години можеби малку беше стишен, но есенва на овие избори нивниот борен, антидмнески, антидеструктивен, антифашистички жар силно го разгоруваат и со стиснати тупаници се впуштаат во жестока борба.

-Се бориме за нашиот дом. Драги соборци на нас борбата против неправдата, против апашлукот и расипништвото на ДПМНЕ не ни е непозната. Имав впечаток дека повеќе време во нашиот општествено-политички живот сме поминале во борба и во самопрегор, отколку во мирнодопски услови. Се боревме против режимот на Груевски, против суровста на Мијалков, се боревме за вистината за Македонија, се боревме и против пандемија, а подоцна и против светска економска и енергетска криза, вели Костова.

Кандидатот за градоначалник на Општина Штип од СДСМ, Павел Иванов во своето обраќање пред граѓаните на Штип упати и критики за четири годишниот мандат на актуелниот градоначалник, воедно и кандидат за градоначалник од ВМРО ДПМНЕ, Иван Јорданов. Забележа дека и по четири години граѓаните говорат за дупките на улиците, нерешено водоснабдување, секојдневно палење на депонијата „Трештена Скала, а какошто рече секој порен дожд претвара делови од градот во езера, центарот се гуши во сообраќаен хаос, а уличното осветлување и едвај да функционира.

-Време е да воспоставиме системи, кој граѓаните ќе ги става на прво место. Систем заснован на чесност, одговорност и отчетност. Нашата визија другари е јасна да градиме по план и со ред. Урбаната и руралната инфраструктура ќе ја ставиме во служба на вас граѓаните. Ќе работиме одговорно, квалитетно и домаќински, а секоја инвестиција ќе биде по приоритети на граѓаните, а не само на поединци, каков што е случајот денес, вели Иванов.

Посочи дека ќе работат за подобра и поуслужна општина, а какошто вели Иванов неговото работење ќе почива врз јасни принципи транспарентност, чесност, одговорност, законитост и отчетност. Иванов во својот говор истакна дека Штип треба да ги искористи и придовките од алтернативната енергија, ќе има проекти и посветност кон младите, потоа финансиска помош ќе добиваат младите брачни парови за обезбедување на сопствен дом.

-За највозрасните ќе изградиме инклузивен комплекс за достоинствен живот, а лицата со попреченост ќе добијат поддршка за самостојно живеење во безбедна и стимулативна средина. Ова ќе биде Општина за сите, фер, модерна и директно насочена кон вас граѓаните, вели Иванов.

На граѓанската трибина во Штип се обрати и носителката на советничката листа на СДСМ и коалиционите партнери, Галаба Вереса. вдј/нд/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан