Филипче од Берово: Се случуваат големи отпуштања на вработени, а ветија нови работни места
- „Јасно е, ВМРО-ДПМНЕ работи за олигарсите, граѓаните за нив се само бројка во избирачкиот список“, оваа порака ја упати вечерва Претседателот Венко Филипче на граѓанската трибина пред граѓаните во Берово. Тој истакна дека тоа е заклучок од нивната арогантност и незаинтересираност за потребите на граѓаните, се вели во соопштението од СДСМ, што МИА го пренесува интегрално.
Берово, 5 октомври 2025
„Јасно е, ВМРО-ДПМНЕ работи за олигарсите, граѓаните за нив се само бројка во избирачкиот список“, оваа порака ја упати вечерва Претседателот Венко Филипче на граѓанската трибина пред граѓаните во Берово. Тој истакна дека тоа е заклучок од нивната арогантност и незаинтересираност за потребите на граѓаните, се вели во соопштението од СДСМ, што МИА го пренесува интегрално.
„Нема никаква нова мерка за земјоделците, ги укинаа мерките на СДСМ што даваа резултат, ги скратија субвенциите за земјоделците. Фирмите молат за поврат на ДДВ, нешто што им следува законски, за да можат да бидат ликвидните, да инвестираат, да вработуваат. Сега наместо да отвораат нови работни места, дел од компаниите отпуштаат вработени. Видовме што им направија на пензионерите. Тие добија само 1.000 денари покачување на пензиите, а со моделот на СДСМ ќе земаа во просек по 2.000 денари за пензионер“, рече Филипче.
Притоа тој потсети дека СДСМ како Влада покажа дека има механизми како да се заштити животниот стандард, како да растат платите, како да се заштитат компаниите. СДСМ донесе политики и во најтешките кризи кои дадоа резултати. Пред граѓаните Филипче кажа и дека и сега како опозиција понудиле решенија за да се стават под контрола високи цени на прехранбените производи, да се укине ДДВ-то, но и тоа како и другите предложени мерки било одбиено од ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на граѓанска трибина под слоганот „Се бориме за нашиот дом“ која се одржа вечерва во Берово зборуваше за еден од спотовите на партијата на власт. „Промените не доаѓале одеднаш“, ова за Филипче значи едно дека граѓаните ќе се изначекаат подобар живот.
„Го слушам Мицкоски во еден од спотовите за кампањата вели „промените не доаѓале одеднаш“ и дека „требало трпение – чекор по чекор“.
„Мицкоски, една работа треба да ти е јасна, а тоа е дека денот по утрото се познава. Вашата неспособност, ароганција, луксузирање и немањето апсолутно никаква желба да се помогне на луѓето се виде од авион уште првата година. Вашата кампања не е ништо друго освен оправдување за катастрофалната неспособност што ја гледаме веќе година и пол на централно ниво и четири години низ општините во државата“, рече Филипче.
Филипче пред беровчани оцени дека Мицкоски си бара алиби за сопствената немоќ, но затоа ги потсети граѓаните на мерките и политиките кои ги спроведе СДСМ и за кои не потроши децении.
„За седум години Владата на СДСМ, ја зголеми минималната плата за над 100% од 10.000 денари во 2017 на 22.500 денари во 2024. Просечната плата за 85 % ја зголемивме од 23.500 денари во 2017 година на 43.500 денари во 2024 година. За две години за 300% ја зголемивме социјалната помош, за овие луѓе да имаат достоинствен живот. За пет години над 130 милиони евра се вратени директно на сметките на граѓаните преку проектот Мој ДДВ. 60 градинки се изградија и реновираа за четири години. Со девет пакети антикризни мерки во вкупен износ од 2,6 милијарди евра спасивме 80.000 работни места и 20.000 компании. Над 660.000 домаќинства со нашата поддршка не го почувствуваа ценовниот шок од сметките за струја“, рече Филипче.
СДСМ како Влада работеше во најтешките кризи, но не дозволи во ниту еден момент граѓаните и компаниите да бидат загрозени како што се сега кога нема апсолутно ниту една криза. Филипче пред граѓаните исто така рече дека и СДСМ имала свои маани и грешки, но денес после година и пол на граѓаните им е навистина јасно дека ВМРО-ДПМНЕ не ја заслужува довербата на луѓето.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на граѓанската трибина во Берово, вечерва истакна дека СДСМ покажа како се работи и каква треба да е вистинска грижа за граѓаните. За 4 години рече Филипче во Берово има над 100 инфраструктурни проекти по што рече дека развојот на Берово е возможен само со кандидатот за градоначалник Илија Рунтевски и советничката листа.
„Вие добро го познавате Илија, човек кој е секојдневно меѓу вас, кој ги познава состојбите во Берово и има идеи како да продолжи развојот на Берово. Туризмот и екологијата и понатаму ќе останат главни гранки за развојот, а секоја наредна инвестиција ќе биде насочена кон тоа, да се создадат уште подобри услови за граѓаните и за сите посетители на Малешевијата.
Програмата на Илија содржи и проекти во образованието, реконструкција на фудбалски терени, на канализациона мрежа, субвенции за престој на деца во градинка, финансиска поддршка за самохраните родители и за пензионерите, промена на ДУП и ГУП со зона за мало стопанство за поволни можности за нови инвеститори и уште многу други проекти. Покажавме дека кога сме обединети, сите заедно, Берово расте и напредува“, рече Филипче.
Притоа ги повикувам беровчани да гласаат за бројот 5 и го задржат континуитетот на напредок на туристичкиот бисер во Малешевијата, Берово.
Центар за комуникации со јавноста на СДСМ
Фото: СДСМ