• петок, 05 декември 2025

Филипче: Македонија треба да биде дом за сите, а не приватен имот на власта

Филипче: Македонија треба да биде дом за сите, а не приватен имот на власта

Скопје, 4 октомври 2025 (МИА) – Социјалдемократскиот сојуз на Македонија се бори Македонија да биде дом за сите граѓани, а не приватен имот на власта. Нашиот слоган за оваа кампања е „Се бориме за нашиот дом“, и тоа не е случајно, истакна претседателот на СДСМ Венко Филипче на граѓанската трибина во Свети Николе објаснувајќи дека идејата за „дом“ ја содржи суштината на социјалдемократската политика, која ги застапува интересите на сите, а не само на избраните.

Во својот говор, Филипче жестоко ја критикуваше политиката на ВМРО-ДПМНЕ, која, како што рече, создала систем на „привилегирани и заборавени".

-Нашата борба не е против никого лично. Нашата борба е против неправдата. Против систем што ја заборави својата мисија, да им служи на луѓето. ВМРО-ДПМНЕ донесе токму такво владеење, власт за себе и своите, услуги за најблиските, а игнорирање на потребите на граѓаните, потенцираше Филипче.

Лидерот на СДСМ нагласи дека партијата ќе остане верна на вредностите за еднаквост, правда и подобар живот за сите.

Воедно, Филипче ја коментираше и информацијата за договорот на владата со фирмата ИРД инженеринг, со која, како што рече, СДСМ имал договор, и предупреди на лицемерие од власта. 

-Денес излезе информација дека Владата склучила договор со ИРД инженеринг, фирмата со која и нашата Влада имаше договор. Тогаш Александар Николовски и сите челници на ВМРО-ДПМНЕ секој ден држеа прес-конференции, обвинувајќи дека оваа фирма е криминална. Јавно го повикуваа обвинителството, тврдеа дека преку неа се перат пари. И денес договор со нив, рече Филипче.

Тој потсети дека ВМРО-ДПМНЕ подолго време водеше кампања против проектите на Бехтел и Енка, кои сега исто така ги продолжуваат, и постави јавно прашање до премиерот Мицкоски.

-Го прашувам јавно Мицкоски – дали си ти сега криминалец. Ако беше криминален проектот што ние го започнавме, ако беше криминален надзорот што го потпишавме, тогаш дали значи дека и ти си криминалец кога продолжуваш со истото, праша Филипче. бк/ац/

Фото: СДСМ

Остани поврзан