Филипче: Граѓаните на Конче најдобро ја знаат разликата меѓу работата на Благој Илиев и ВМРО-ДПМНЕ
- Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија Венко Филипче, вечерва на граѓански собир во Конче, повика на масовна излезеност на изборите в недела и побара поддршка за кандидатот на СДСМ Благој Илиев. Истакна дека жителите од Конче најдобро ја препознаваат разликата меѓу работата на Илиев и на актуелниот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ.
Скопје, 29 октомври 2025 (МИА) - Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија Венко Филипче, вечерва на граѓански собир во Конче, повика на масовна излезеност на изборите в недела и побара поддршка за кандидатот на СДСМ Благој Илиев. Истакна дека жителите од Конче најдобро ја препознаваат разликата меѓу работата на Илиев и на актуелниот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ.
- Благој работеше во минатиот мандат. Знаете како се однесуваше додека беше градоначалник, знаете дека вратата му беше секогаш отворена, работеше за доброто на општината и за вас граѓаните. Вие најдобро знаете како беше во времето на Благој, каква визија имаше за Конче, да продолжи и да се развива понатаму, рече Филипче.

По мандатот на Илиев, дополни Фиипче, разликата во начинот на управување е повеќе од очигледна.
- Сега кога имаме една временска дистанца од четири години после неговиот мандат и сегашниот градоначалник, навистина вие можете најдобро, да воочите каква е разликата и како е да се живее во оваа општина кога градоначалник е некој како нашиот Благој и кога потоа е градоначалникот на ВМРО ДПМНЕ, тој работи дијаметрално спротивно, нагласи Филипче.
Според него, градоначалниците на СДСМ во досегашните мандати покажале што значи да се работи во интерес на граѓаните и да се реализираат ветените програми.
- Затоа треба и во недела да се заокружи број 5, за Благој повторно да ја води оваа општина, со својата визија, со својата програма, за не само Конче, тука и целиот регион да продолжи да расте, да се развива така како што заслужува, така како што заслужуваат и младите, и пензионерите, и сите граѓани кои живеат тука, порача Филипче.
Градоначалниците од СДСМ, според него, реализирале 90 до 100 проценти од ветеното, а тие од ВМРО-ДПМНЕ 20 проценти.
Претседателот на СДСМ Филипче оцени и дека „ВМРО-ДПМНЕ сака да ја врати државата во времето на страв и уцени“.
Ги осуди, како што рече, „притисоците врз граѓаните во текот на кампањата“, потенцирајќи дека „власта на ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги заплаши луѓето преку институциите“.
- Со полиција, финансиска полиција, шумска полиција, преку социјалните служби, прават притисок врз граѓаните. Сакаат да потсетат на времето кога сите живеевме во страв и уцени. Но тоа време заврши. Луѓето сакаат нормален живот, без притисоци, без закани, без поткуп, рече Филипче.
Тој оцени дека Владата не презема ништо за, како што посочи, „трошоците за живот кои растат без контрола“. За година и половина, рече Филипче, Владата на ВМРО-ДПМНЕ не ги зголеми платите , ниту пак им помогна на граѓаните во услови кога цените на храната растат од месец во месец. лв/ац/
Фото: Центар за комуникации СДСМ