• недела, 15 ноември 2026

Филипче: Вметнувањето на правата на малцинствата во Уставот не е загрозување на македонскиот национален идентитет, туку негово зајакнување

Филипче: Вметнувањето на правата на малцинствата во Уставот не е загрозување на македонскиот национален идентитет, туку негово зајакнување

Скопје, 9 мај 2026 (МИА) - Претседателот на СДСМ Венко Филипче истакнува дека вметнувањето на правата на малцинствата во Уставот не е загрозување на македонскиот национален идентитет, туку негово зајакнување.

-Националниот идентитет го загрозуваат криминалот и корупцијата, а не малцинствата. Христијан Мицкоски и криминална група ВМРО мораат еднаш засекогаш да разберат: граѓаните јасно гледаат што прават. Намерно сакаат да ја изолираат Македонија од Европа за да ја зачуваат својата криминална банда на власт. Вметнувањето на правата на малцинствата во Уставот не е загрозување на македонскиот национален идентитет, туку токму спротивното – негово зајакнување, напиша Филипче на својот Фејсбук профил.

Според него, кога малцинствата се дефинирани и гарантирани со највисокиот правен акт на државата, тоа не го слабее, туку го зацврстува македонскиот идентитет и ја зајакнува кохезијата на целото општество.

-Силна држава се гради со вклучување, а не со исклучување. Единственото што е вистински загрозено со уставните измени е криминалната група на ВМРО-ОКГ и Христијан Мицкоски лично. Затоа што продолжувањето на европскиот пат значи примена на законите и правдата. Значи Европско јавно обвинителство пред кое нема да можат да командуваат ниту од собраниската говорница, ниту преку телевизиските студија. Значи крај на наместените тендери, партискиот грабеж на државните пари и неказнивоста.

Според него, Мицкоски и неговата група свесно ја блокираат европската иднина на Македонија за да ја продолжат кражбата на државата и на народните пари. -Токму затоа националниот идентитет им служи само како изговор за да ја зачуваат својата власт и своите криминални интереси, наведува тој.

Тој наведува дека СДСМ нема да дозволи националниот идентитет да се користи како штит за криминал и корупција.

-Македонскиот идентитет е најсилен кога е дел од Европа, а не кога е затворен во изолација и сиромаштија. Граѓаните знаат: вистинската закана за идентитетот, за државата и за иднината не доаѓа од малцинствата – туку од криминалот и корупцијата на ВМРО-ОКГ. Европска Македонија или криминална изолација – изборот е јасен, додава Филипче во објавата на Фејсбук. нд/

Фото: МИА архива