Филипче: Целата зграда за Интерни клиники ќе биде наменета за третман на пациенти со Ковид-19
- Во последните неколку недели имаме буквално експлозија на вирусот, како кај нас, така и во регионот и во цела Европа. Имајќи го предвид брзото пополнување на болничките капацитети го активира
Скопје, 6 ноември 2020 (МИА) - Во последните неколку недели имаме буквално експлозија на вирусот, како кај нас, така и во регионот и во цела Европа. Имајќи го предвид брзото пополнување на болничките капацитети го активиравме нашиот план за обезбедување дополнителни капацитети и сега целата зграда за Интерни клиники ќе биде наменета за третман на пациенти со Ковид-19, рече денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
Посочи дека во овој момент целосно се исполнети капацитетите на Инфективната клиника, модуларната болница, а исто така сега е во функција ставена институцијата Центарот за белодробни болести каде се уште има капацитети и каде може да се сместат пациенти.
– Гледајќи го напливот и притисокот се активираше планот за Интерните клиники од приземните спратови каде се клиниките за дерматологија и неврологија, понатаму горните спратови каде што се клиниките за гастроетерохепатологија, ревматологија и нефрологија. Тука го имаме предвид и делот за дијализа, како и клиниките за оториноларингологија и очни болести, истакна Филипче.
Во овој момент и во следниот период кога ќе почне пополнувањето на овие кревети, потенцира, нема да се наруши нормалното фунционирање на сите овие клиники односно системот „МојТермин“ продолжува да функционира, како и сместувањето пациенти во другите делови на оваа зграда на Интерните клиники.
– Лекарите и медицинските сестри се подготвени. Дополнителниот број кревети кој може да биде на располагање и ќе биде од утре е околу 150 и дополнителни стотина на клиниките за оториноларингологија и очни болести, истакна Филипче.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека иако работат под голем притисок, иако има ситуација која никогаш не била предвидена претходно ниту за здравствените работници, ниту во однос на обезбедување на овие капацитети, сепак здравствените работници многуфронтно и одговорно одговорија и на овој предизвик.
- Како што кажав, дополнителни капацитети се веќе обезбедени. Во овој момент не планираме и нема потреба да се ангажираат капацитетите на приватните болници. Сите интерни клиники се сега спремни да сместат пациенти заедно со кадар кој е веќе искомунициран, има сосема доволна количина на лична заштитна опрема, така што во овој момент има сосема доволен капацитет. Искрено веруваме дека овие мерки ќе дадат резултат и во следните две до три недели ќе го видиме ефектот, нормално доколку се почитуваат мерките, додаде Филипче, одговарајќи на новинарско прашање.
Во врска со исполнетоста на болничките капацитети во другите градови, тој посочи дека се соработува и пациентите се праќаат во соседни градови или во Скопје.
- Во Охрид има 100 нови кревети во кардиолошкото одделение, а има нови кревети и во новото крило во болницата во Струмица, во Кавадарци, Гостивар и во Тетово. Планот е да се заземаат и други одделенија каде има кадар. Не е точно дека нема места. Можеби е потребно препраќање на пациентот од една во друга инстиитуција, така што секаде е направен план, додаде Филипче одговарајќи на новинарско прашање. рп/см/