• вторник, 24 декември 2024

Фидан го осуди палењето на Куранот во Шведска

Фидан го осуди палењето на Куранот во Шведска

Анкара, 28 јуни 2023 (МИА) – Шефот на турската дипломатија Хакан Фидан го осуди денешното палење на Куранот во Шведска.

- Го осудувам протестот во Шведска против нашата света книга на првиот ден од Бајрам, напиша Фидан во средата на Твитер, додавајќи дека е неприфатливо да се дозволат антиисламски протести во име на слободата на изразување.

Маж денеска искина и запали Куран пред централната џамија во Стокхолм. Тоа се случи откако шведската полиција одобри одржување на протестот.

Околу 200 луѓе гледаа како еден од двајцата организатори на протестот ги кине страниците на копија од Куранот, потоа си ги избриша чевлите со нив, па завитка сланината во нив и на крајот ја запали книгата.

Пред џамијата во Стокхолм имаше и лица кои протестираат против палењето на Куранот, извикувајќи „Алах акбар“ (Бог е голем). Еден од нив е приведен од полицијата.

Премиерот на Шведска, Улф Кристерсон изјави дека не сака да шпекулира како одобрениот протест може да влијае на процесот на влез на Шведска во НАТО.

Тоа е легално, но не е примерно. Верувам дека живееме во време кога е неопходно да се остане смирен и да се размислува за тоа што е најдобро за долгорочните интереси на Шведска, посочи Кристерсон. ми/

фото: ЕПА 

Остани поврзан