• понеделник, 23 декември 2024

Фестивалот КРИК се вклучува во одбележувањето на 300 - годишнината од раѓањето на Кант

Фестивалот КРИК се вклучува во одбележувањето на 300 - годишнината од раѓањето на Кант

Скопје, 26 октомври 2024 (МИА) - Со настан насловен „Низ патеките на (не)разумното - 300 години од раѓањето на Имануел Кант“, денеска во Скопје завршува деветотто издание на КРИК - фестивалот за критичка култура.

Организаторот на фестивалот Контрапункт во партнерство со Гете институт – Скопје, денешниот ден, 26 октомври, муго посветува на Имануел Кант, еден од најзначајните германски филозофи, по повод триста годишнината од неговото раѓање. Перформативното критичко исчитување на клучните императиви на Кант за етичкото и убавото, ќе бидат артикулирани во јавниот простор социо-културно, естетски и политички обележан со интервенцијата наречена СК2014, низ градската прошетка чија авторка е Ивана Драгшиќ.

-„По патеките на (не)разумното'' е нова итерпретација на прошетката низ центарот на градот, позната како „Скопје 2014'' кич тура. Чекорејќи низ грдата замисла за градот на само еден човек, спојуваме наративи и осознаваме како „Скопје 2014'' всушност е можно. На одредени точки од прошетката публиката ќе има ексклузивна можност да ja слушне и музичката интерпретација на оваа тема преку визијата на Алембик (Ива
Дамјановски и Виктор Танасковски), како и размислувањата на двајца реномирани германски филозофи Јирко Краус (Лајпциг), Рајнер Тоцке (Лајпциг), наведуваат организаторите.

Прошетката ќе започне во 15:30 часот, пред Музејот на македонската борба за независнот и ќе трае до 17:30 часот.

Вториот дел од критичкото дијалогизирање со Имануел Кант ќе започне со панел дискусијата, која ќе се одржи во КСП Центар – Јадро, со почеток во 18:30 часот. Панелисти се Јирко Краус (Лајпциг), Рајнер Тоцке (Лајпциг) и Јасмина Поповска (Скопје). Модератор е Артан Садику, а воведничарка е Тијана Ана Спасовска.

Во завршницата на настанот ќе настапи нашиот исклучителн музичар Јордан Костов.

Кантовата естетика, особено концептите за убавина и возвишено, може да се применат на новите знаменитости воведени од Скопје 2014, и воопшто, на клучните прашања кои креираат еден јавен, критички, и општествен простор. Фундаменталната идеја на Кантовата „критичка филозофија“ е човечката автономија како предуслов за функционалната заедница.

-Интердисциплинарниот настан „Низ патеките на (не)разумното“ има за цел да го испита односот помеѓу етиката и естетиката преку Кантовата перспектива, адресирајќи ги современите предизвици со кои се соочуваме во Европа, Балканот и поконкретно Северна Македонија. Токму затоа, во фокусот ќе ги имаме „етиката на единството“, која го нагласува управувањето со различностите додека промовира почит, автономија и заеднички просперитет и “естетика на хармонијата“, која истражува како концептите за убавото и возвишеното можат да поттикнат заедништво во регион кој се карактеризира со културен диверзитет. Со интегрирање на Кантовите императиви, кои ја нагласуваат слободата на самоопределување и улогата на разумот во етичките размислувања, имаме цел да ја нагласиме неопходноста од почитување на различностите и етичкиот третман на поединците во заедницата, додека се осврнуваме на комплексноста на урбаното планирање и културната политика, наведуваат од КРИК Фестивалот.

Очекувањата се дека интердисциплинарниот и перформативен критички контекстуализиран настан „Низ патеките на (не)разумното“ ќе послужи како платформа која ќе се застапува за враќање и ревитализација на јавните простори на начин кој го почитува индивидуалното достоинство и промовира заедничка цел.

- Придружете ни се за збогатена размена која поттикнува активно вклучување во заедничката одговорност за негување на нашите колективни средини, апелираат организаторите на фестивалот. вг/лв/

Фото: Плакат КРИК Фестивал

Остани поврзан