• понеделник, 23 декември 2024

Феминистичката платформа „Медуза“ одбележува пет години постоење

Феминистичката платформа „Медуза“ одбележува пет години постоење

Скопје, 14 декември 2023 (МИА) - Со промоција на публикацијата „Новите добри времиња“, разговор и поетско читање, Феминистичката платформа „Медуза“ вечер од 19:30 часот во локалот Котур ќе го одбележи своето петгодишно постоење.

- Наспроти дефетистичкото мечтаење по „старите добри времиња“ кое оваа година ни се чинеше сеприсутно, ние се одваживме да размислуваме, разговараме и пишуваме за можни, нови, добри времиња. Нашата овогодинешна публикација го носи токму тој „опасен“ слоган кој на едно место собра бројни соработнички на Медуза, пријател(к)и, со-сонувач(к)и и личности од кои сме учеле и кои учеле од нас, кои ги споделија своите мисли, визии, стравови, теории, мечти, копнежи и сомнежи поврзани со иднината, велат од „Медуза“.

Дел од авторките на публикацијата „Новите добри времиња” се Адриана Захариевиќ, Елена Кузмановска, Ивана Хаџиевска, Ана Аврамовска, Клелија Живковиќ, Маја Петревска, Елизабета Шелева, Ана Јакимска, Ивана Смилевска, Калина Малеска, Мања Величковска, Вики Младенова, Џемилиана Абдулова, Елена Гаговска, Ангел Димитриевси, Кристина Атанасова, Ана Блажева, Сара Миленковска и Лени Фрчкоска, а зад дизајнот стои Кристина Атанасова.

Во рамките на одбележувањето ќе се одржи и разговор за можната феминистичка иднина на кој уредничките на „Медуза“, Калиа Димитрова и Душица Лазова, ќе разговараат со Клелија Живковиќ, Ангел Димитриевски и Адора Лимани, по што ќе следи поетско читање со поетесите чии песни може да се најдат во публикацијата и тоа Марија Велинова, Калиа Димитрова, Филипа Попова, Ива Дамјановски, Марија Шаклева, Монија Стојановска и Ивана Јовановска. ар/аа/

Фото:Медуза

Остани поврзан