Фелер останува директор на германската репрезентација до 2026
- Германската фудбалска федерација објави денеска дека Руди Фелер го продолжил договорот со асоцијацијата и ќе остане спортски директор на репрезентацијата до крајот на Светското првенство во 2026 година.
Франкфурт, 8 април 2024 (МИА) – Германската фудбалска федерација објави денеска дека Руди Фелер го продолжил договорот со асоцијацијата и ќе остане спортски директор на репрезентацијата до крајот на Светското првенство во 2026 година.
Фелер беше назначен за спортски директор на националниот тим во февруари 2023 година, наследувајќи го Оливер Бирхоф, кој поднесе оставка по раната елиминација на Германија на Мундијалот во Катар.
Во денешната изјава Фелер наведе дека ја презел функцијата поради „чувство на обврска“, но дека оттогаш почнал да ужива во новата улога.
„Заедно сакаме да организираме прекрасно Европско првенство во Германија и потоа да го задржиме тој моментум за натамошните предизвици“, рече Фелер.
Шеесетитригодишниот Фелер како играч го освои Светското првенство со Западна Германија во 1990 година, а потоа ја предводеше Германија до финалето на Мундијалот 2002. ег ФОТО: Фејсбук