Фараж: Доаѓањето на мигрантите во чамци е инвазија и закана за националната безбедност на Велика Британија
- Скај Њуз пренесува дека Фараж најави серија построги мерки за имиграцијата, што неговата партија ќе ги спроведе доколку дојде на власт. Тие вклучуваат укинување на Законот за човекови права на Велика Британија од 1998 година и привремено повлекување на Велика Британија од Конвенцијата од 1951 година за статусот на бегалците - за период од пет години.
Лондон, 26 август 2025 (МИА) - Лидерот на британската десничарска Реформска партија, Најџел Фараж, го нарече „инвазија“ доаѓањето на нелегалните мигранти со мали чамци преку Ла Манш и оцени дека тие претставуваат закана за националната безбедност на земјата.
Скај Њуз пренесува дека Фараж најави серија построги мерки за имиграцијата, што неговата партија ќе ги спроведе доколку дојде на власт. Тие вклучуваат укинување на Законот за човекови права на Велика Британија од 1998 година и привремено повлекување на Велика Британија од Конвенцијата од 1951 година за статусот на бегалците - за период од пет години.
Тој, исто така, најави укинување на сите законски „бариери“ за депортација што, како што тврди, ги користат адвокатите за „заштита на нелегалните мигранти“, како и воведување законска обврска за министерот за внатрешни работи да ги притвори и депортира сите што нелегално влегуваат во земјата.
Фараж смета дека таквата политика би „ги запрела чамците за неколку дена“ и би ја направила земјата помалку привлечна за мрежите за трговија со луѓе.
Освен прашањата поврзани со безбедноста и миграцијата, лидерот на Реформската партија тврди дека мерките на неговата партија потенцијално би можеле да заштедат стотици милијарди фунти до 2034 година.
Иако Реформската партија бележи зголемување на поддршката во анкетите на гласачите, таа моментално има четири пратеници во британскиот Парламент од вкупно 650 пратеници.сд/
фото:МИА архива