• недела, 22 декември 2024

УЈП: Жители на Скопје со најголем годишен бруто доход, највисока годишна плата и највисока пензија во 2021 година

УЈП: Жители на Скопје со најголем годишен бруто доход, највисока годишна плата и највисока пензија во 2021 година

Скопје, 27 февруари 2023 (МИА) - Најголем годишен бруто доход од 244,2 милиони денари за 2021 година пријавил граѓанин од Скопје, а најголем дел од неговите примањата се од плата и дополнителни примања од странство по основ на други лични примања. И највисоката годишна бруто плата во износ од 122,3 милиони денари во 2021 година е исплатена кај граѓанин од Скопје и е остварена  во дејноста трговија на големо со производи од тутун.  Пензионер од Скопје со пријавена странска пензија во износ од  5,8 милиони денари на годишно ниво имал највисока пензија во 2021 година. Највисокото лично примање по основ на извршена работа  изнесува 121,8 милиони денари на годишно ниво, но доходот е остварен во странство, покажуваат резултатите што денеска ги презентираше Управата за јавни приходи (УЈП).

На листата на највисоко рангирани бруто плати во 2021 година се и платите исплатени во дејностите: одгледување свињи, производство на метални производи, болници,  трговија со фармацевтски производи, управувачки дејности и компјутерско програмирање.

-За календарската 2021 година, УЈП изготви и достави пополнета Годишна даночна пријава (ГДП) за 788.643 граѓани. Овие лица искажале  годишен бруто доход  од  близу 366,6 милијарди денари во пријавите, а пресметаниот данок на личен доход е во износ од 22,3 милијарди денари. Во однос на 2020 година, вкупниот приход на граѓаните во 2021 година е повисок за 35,4 милиони, следствено на ова и данокот на личен доход е повисок за 2,7 милиони денари, истакна директорката на УЈП Сања Лукаревска на денешната прес-конференција.

Согласно анализата, како што кажа, 49.902 граѓани имале бруто-доход над еден милион денари, додека најголемиот број на граѓани односно 623.690 лица, оствариле бруто-доход кој се движи во прагот од 100 илјади до еден милион денари.

-Во однос на 2020 година, во 2021 година  зголемен е бројот на граѓани кај врвните прагови, односно, 25 граѓани во 2021 оствариле приход над 100 милиони денари, а 757 граѓани оствариле приходи во прагот од 10 до 100 милиони денари, рече Лукаревска.

Граѓанин од Скопје, во 2021 година ја остварил и највисоката капитална добивка во износ од 130,1 милион денари од продажба на сопственички удел, додека највисоката исплатена дивиденда  во износ од 203 милиони денари е  исплатена  на граѓанин на Велес од исплатувач чија дејност е трговија на мало во неспецијализирани продавници претежно со храна пијалаци и тутун.

-На врвот на листата  за исплата на  највисок доход од самостојното вршење на дејност повторно се скопјани, а највисокиот износ е 102,4 милиони денари. Во десетте топ рангирани на листата се наоѓаат адвокати, нотари,  угостители, одгледувачи на жито и мешункасти растенија, производители на амбалажи од хартија, и од дејностите трговија на мало со делови за моторни возила и малтерисување. Жител на Ресен  со 12,6 милиони денари, остварил највисок доход од продажба на земјоделски производи. Скопјанец остварил највисок бруто доход од закуп и подзакуп на имот (издавање на земјиште, станови и деловни простории, превозни средства и друг вид на имот) кој изнесува 37 милиони денари од издавање на деловен простор, прецизира Лукаревска.

Скопјанец, како што рече, е прворангиран за остварен бруто доход од авторски права и други стварни права во износ од  22 милиони денари. По основ на права од индустриска сопственост на првото место исто така е граѓанин на Скопје кој остварил  бруто доход во износ  5,5 милиони денари. По основ игри на среќа на скопјанец му се исплатени  41,1 милиони денари од Државната лотарија,  а жител на Скопје остварил добивка од игри на среќа, главно од обложувалници во износ од 31,3 милиони денари. Највисок годишен бруто доход по основ на уплатени премии и исплатена осигурана сума во износ од 2,9 милиони денари, остварило лице од Тетово.

-Категоријата друг доход  вклучува доход од различни извори како што е доходот кој не е конкретно опишан во законот за данокот на личен доход и не е изземен од оданочување,  доходот остварен од продажба на корисен цврст отпад,  доходот остварен со електронска трговија преку интернет, доходот од маркетиншки интернет услуги, износот на неискористената финансиска помош, износот на неискористените донирани финансиски средства, како и кусоци кои не се предизвикани од вонредни настани (кражба, пожар или други природни непогоди), и  не се на трошок на платата на одговорното лице. Во оваа категорија жител на Тетово  пријавил годишен бруто доход  од 171,3 милиони денари,  второрангирана е жителка на Тетово со пријавен годишен бруто доход во износ од 155,1 милиони денари исплатени од компании кои работат со мрежни социјални и видео платформи,  а скопјанец е на трето место со пријавени  78,5 милиони денари доход  од откуп на корисен цврст отпад, рече Лукаревска.

Во  категоријата „најмлад и највозрасен милионер“, посочи, лице кое во 2021 година било на осум годишна возраст остварило доход 1.020.508 денари, по основ на семејна пензија, а лице на возраст од 96 години остварило доход во износ од 1,2 милиони денари.  И кај двете лица најголемиот дел од приходот е остварен  по основ на пензија.

УЈП годишните даночни пријави ги изготвува врз основа на податоците од пресметките за исплата на доход, поднесени од страна на исплатувачите, од пријавите на пресметките кои ги доставиле граѓаните од други физички лица и од странство, а врз основа на податоците од годишниот биланс, како и паушално утврдениот нето доход од вршење на самостојна дејност. Граѓаните преку корисничките профили на Е-ПДД,  можат да ги прегледаат, да ги коригираат и да ги потврдат даночните пријави. УЈП по службена должност ги потврдува годишните даночни пријави на граѓаните кои ниту ги потврдиле, ниту ги коригирале.

Деновиве ќе започне генерирањето на ГДП за 2022 година поради што директорката на УЈП апелираше до граѓаните да направат увид дали ги пријавиле приходите со цел оданочување. Кога ќе биде генерирана ГДП, да ја потврдат или ако имаат забелешки да ја коригираат.

-Во тек е и наплата, односно обврските кои граѓаните можеби не ги платиле до генерирање на ГДП за изминатите години. Апелирам  да ги платат обврските со цел да не се  доведат во дополнителни трошоци за присилна наплата и блокада. До оние кои се уште не се регистрирале на  е-ПДД системот, апелирам да го сторат тоа  со цел во секое време да имаат увид на приходите кои ги оствариле и да може да ја користат апликацијата „Мој ДДВ“, рече Лукаревска.вј/лв/

Фото: УЈП

 

Остани поврзан