• четврток, 04 декември 2025

Учесниците на самитот Брдо-Бриони ја истакнаа важноста на добрососедските односи, помирувањето и стабилноста

Учесниците на самитот Брдо-Бриони ја истакнаа важноста на добрососедските односи, помирувањето и стабилноста

Драч, 6 октомври 2025 (МИА) - Учесниците на самитот на иницијативата Брдо-Бриони денеска во Драч усвоија заедничка изјава, нагласувајќи дека добрососедските односи, регионалната стабилност и помирувањето се основа на европската иднина на Западен Балкан.

Учесниците на самитот, исто така, ја истакнаа важноста од заедничко соочување со современите безбедносни предизвици, кибер заканите и последиците од климатските промени.

Лидерите на Западен Балкан се собраа денеска во Драч на самитот на иницијативата Брдо-Бриони, чија главна тема беше европската перспектива на Западен Балкан.

Учесниците на самитот во Драч беа пречекани од словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, како организатори, и од албанскиот претседател Бајрам Бегај, како домаќин.

На состанокот присуствуваа и претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ, членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина Жељка Цвијановиќ, Денис Беќировиќ и Жељко Комшиќ, претседателката на Северна Македонија Гордана Силјановска-Давкова и претседателката на Косово Вјоса Османи.

На самитот, претседателката на Словенија Наташа Пирц Мусар вети понатамошна поддршка за земјите од Западен Балкан во процесот на приближување кон Европската Унија (ЕУ), оценувајќи дека овој процес треба да продолжи побрзо, но без намалување на стандардите.

Пирц Мусар нагласи дека покрај разговорот за иднината, треба да се зборува и за минатото.

„Земјите од регионот градат простор за дијалог, доверба и соработка дури и кога се чини дека разликите меѓу нас се навистина големи... Без вистински дијалог, без решавање на отворените прашања и без помирување - што е можеби најтешкиот орев за кршење во нашиот регион - нема да има вистински напредок“, нагласи таа.

Според Пирц Мусар, европската перспектива на Западен Балкан е најефикасниот геополитички инструмент за обезбедување стабилност, мир и безбедност.

-Словенија ги поддржува понатамошните чекори во процесот на проширување... Во исто време, очекуваме напредок од кандидатите во спроведувањето на реформите, особено во областите на владеењето на правото, доброто управување и човековите права, рече таа, нагласувајќи дека самата ЕУ мора да го направи својот дел.

Овогодинешниот самит Брдо-Бриони се одржа под слоганот „Заеднички интереси, заедничка посветеност кон заедничка иднина: заедно напред кон ЕУ“, што, според словенечката претседателка, не треба да биде само симболично.

Албанскиот претседател Бајрам Бегај на самитот оцени дека иницијативата Брдо-Бриони е клучен механизам за зајакнување на дијалогот, добрососедските односи и зближувањето со ЕУ.

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, исто така, ја истакна важноста на дијалогот што се одвива на овој самит.

-Нема да извлекуваме големи заклучоци, нема да покренуваме нови иницијативи, нема да носиме пари - во овој формат тоа не е можно. Но, можеме да разговараме и да ги разгледаме искуствата и проблемите во рамките на ЕУ, кои навистина ги има многу“, рече Милановиќ и најави дека следниот самит ќе се одржи следната година во Хрватска.

Учесниците на самитот посветија посебно внимание на спроведувањето на планот на ЕУ од шест милијарди евра за економски раст на Западен Балкан за периодот 2024–2027 година.

Според претседателот, Словенија силно ја поддржува имплементацијата на овој план, но исто така очекува сите земји во регионот да ја препознаат оваа можност и да ги спроведат потребните реформи.

По состанокот, Пирц Мусар истакна дека голем број млади луѓе го напуштаат регионот поради недостаток на можности, па затоа е заедничка одговорност на земјите да создадат услови за квалитетни работни места и привлечна социјална средина.

Токму ова беше темата на состанокот што пред самитот на лидерите го одржаа директорите на службите за вработување од земјите учеснички во процесот Брдо-Бриони. Тие се обврзаа на поблиска соработка во усогласувањето на образованието со потребите на пазарот на трудот и во програмите за враќање на таленти.

Процесот Брдо-Бриони е заедничка словенечко-хрватска иницијатива чии членови се Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Косово. мс/

фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска Давкова

Остани поврзан