• понеделник, 23 декември 2024

Владата ги усвои предлог законските измени со цел ефикасна реализација на коридорите 8 и 10 д

Владата ги усвои предлог законските измени со цел ефикасна реализација на коридорите 8 и 10 д

Скопје, 5 мај 2023 (МИА) - Владата на Република Северна Македонија на денешната седница ги утврди Предлог-измените на неколку закони, коишто се однесуваат на овозможување ефикасна и квалитетна реализација на коридорите 8 и 10 д, како градби од стратешки интерес. Предлог-измените, како што информира владината прес-служба, ќе бидат доставени до Собранието на Република Северна Македонија.

Утврден е текстот на Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола) по скратена постапка.

- Со предлозите за измена и дополнување, според посоченото од Министерството за финансии, се овозможува поедноставување на прометот и ослободување од данок на додадена вредност и акциза на енергенти за прометот на добра и услуги којшто е извршен кон Инвеститорот од страна на Стратешкиот партнер, како и прометот кон инвеститор за цели на проектот од овој закон, соопшти владината прес-служба.

Разгледан е и утврден и текстот на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за експропријација. Со предложените решенија се овозможува поефикасна примена на Законот за експропријација за реализација на градби коишто се од стратешки интерес за државата.

Владата, како што е посочено, ја промовира регионалната соработка со ставање главен акцент и меѓународната димензија на сите видови транспорт, преку развој и модернизација на транспортната инфраструктура, заедно со проширување на Основната и сеопфатната мрежа ТЕН-Т. Посветена е на подобрување на транспортната инфраструктура и има преземено активности, пред сè во насока на изградба на делови што недостасуваат и санација на постојната транспортна мрежа, дел од основната мрежа на европските транспортни коридори.

- Односно, транспортните политики на државата се засноваат на интеграција со регионот, како и поврзување на регионот со земјите членки на Европската Унија, што е стратешка определба, усвоена и во Националната транспортна стратегија 2018-2030, стои во соопштението.

Владата го разгледала и утврдила и текстот на Предлог на Закон за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, по скратена постапка. Со предложениот текст се овозможува нов тип на урбанистички проект за градби од стратешки интерес и се уредува изработката, постапката на донесување и спроведување на тој урбанистички проект.

Разгледан и утврден е и текстот на Предлог на Закон за изменување и дополнување на Закон за градење. Со измените се утврдуваат посебен вид на градби, градби од стратешки интерес и тоа: државни патишта како градби чијашто изградба е предвидена со Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола), како и на железнички пруги и магистрални гасоводи, енергетски градби како и други инфраструктурни градби - утврдени како градби од јавен интерес. Изградбата на градбите од стратешки интерес е предвидено да се врши врз основа на урбанистички проект за градби од стратешки интерес, одобрен согласно Законот за урбанистичко планирање.

Владата го утврдила и текстот на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за работни односи, по скратена постапка.

- При примената на законските одредби коишто се однесуваат на прекувремена работа, како што е објаснето од Министерството за труд и социјална политика, укажана е потребата од донесување одредба со којашто ќе се овозможи прекувремена работа подолго од осум часа неделно и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работникот. Поради природата на работите и задачите што се вршат во работите од национален интерес на Република Северна Македонија, има потреба тие да може да се спроведуваат и во недела, се подвлекува во владиното соопштение.

Работниците, како што се наведува во владиното соопштение, се заштитени со Законот за работни односи и секој прекувремен час ќе им биде исплатен 35 проценти согласно Законот и Колективниот договор. Работниците имаат право на дневен и неделен одмор. цр/бак/

Фото: Влада на Република Северна Македонија

Остани поврзан