Успешно испратени и примени првите пишани пораки преку „Д2Д“ сателитите
- „Спејс-Икс“ ги испрати првите текстуални пораки примени преку „Ти-мобајл“ со помош на сателитите „Д2Д“ на „Старлинк“ лансирани пред неколку дена.
Лос Анџелес, 12 јануари 2024 (МИА) - „Спејс-Икс“ ги испрати првите текстуални пораки примени преку „Ти-мобајл“ со помош на сателитите „Д2Д“ (скратено од „директно на уред“) на „Старлинк“ лансирани пред неколку дена.
Како што првпат беше објавено во август 2022 година, целта на проектот е да се овозможи сателитско поврзување на Интернет со стандардни мобилни телефони за корисниците на мрежата на „Ти-мобајл“ да може да бидат поврзани дури и кога се во „мртвите зони“ - насекаде на Земјата. „Ти-мобајл“ соопшти дека планира да лансира текстуални услуги оваа година, а пак, услугите за глас, податоци и „ИоТ“ („интернет за нештата“) ќе бидат достапни од 2025 година. На светско ниво, „Спејс-Икс“ соработува со канадската компанија „Роџерс“, австралиската „Оптус“, јапонската „КДДИ“ и други фирми. Шемата натаму ќе вклучува и поголеми, специјализирани „Старлинк“ сателити со „Д2Д“ способности.
„Во понеделник, 8 јануари, ги испративме и примивме нашите први пораки користејќи немодифицирани мобилни телефони на Земјата и нашите нови сателити во Вселената, како и мрежата на ‘Ти-мобајл’. Сите показатели се во насока дека системот работи“, соопшти „Спејс-Икс“.
Инаку, приватната компанија за вселенски сообраќај го постави првиот таков сателит на 2 јануари и, според наводите, ги спроведе првите тестови без никакви проблеми.
Кога беше објавен планот, извршниот директор на „Ти-мобајл“, Мајк Сиверт ја спореди новата технологија со поставување кули-предаватели на небото. Тој додава дека, на овој начин, би можеле да се елиминираат „мртвите зони“ (без интернет-врски), што ќе овозможи поврзаност дури и ако човекот е сред океан.
„Спејс-Икс“ наведува дека системот, којшто користи „ЛТЕ“, т.е. 4-Г врска (без протоколи за 5-Г), се движат со десетици илјади километри на час, а преносот на податоци мора да биде беспрекорен.
Сепак, овие две компании не се првите коишто тестираа ваков систем. „АСТ Спејсмобајл“ и „Еј-ти-енд-ти“ успешно тестираа двонасочен сателитски гласовен повик на нивната мрежа во април лани користејќи посебен фабрички паметен телефон „Самсунг Галакси С-22“. Според „Еј-ти-енд-ти“, исто така, планот на „Спејс-Икс“ и „Ти-мобајл“, велат, е „несоодветен“ кога станува збор за опасности и штета кон мрежите на Земјата. си/ссм/
Фото: „Спејс-Икс“, „Ти-мобајл“