„Упорност“ го зеде 43. примерок од карпа откако слета на Марс
- НАСА објави нова слика од површината на Марс, направена од роверот „Упорност“ (Perseverance) како дел од својата мисија којашто трае веќе петта година.
Хјустон, 7 aвгуст 2025 (МИА) - Aмериканската Национална воздухопловно-вселенска администрација - НАСА објави нова слика од површината на Марс, направена од роверот „Упорност“ (Perseverance) како дел од својата мисија којашто трае веќе петта година. Тимот што го следи роверот на НАСА на Црвената Планета го искористи ведрото небо таму за да ја долови една од најбистрите панорами на мисијата досега.
Мозаикот составен од 96 слики направени на местото нарекувано „Фалбрин“, покажува карпа што се чини дека е сместена на врвот на песочна дина, како граница меѓу две геолошки единици.
Инструментот „Масткам-Зи“ (Mastcam-Z) на роверот ги сними сликите на 26 мај 2025 година - 1.516-тиот ден на роверот на Марс. Истражувачкото возило, коешто беше лансирано во февруари 2021 година на дното на кратерот Језеро на нам соседната планета, го достигна врвот на работ на кратерот кон крајот на минатата година.
Притоа, еден детаљ што го привлече вниманието на научниот тим е големата карпа што, се чини, стои на темниот песочен рид во облик на полумесечина - на околу 4,4 метри од роверот.
Геолозите ја нарекуваат „лебдечка карпа“, бидејќи најверојатно е формирана на друго место, па природна надворешна сила ја пренесла на сегашното место. Не е познато дали оваа пристигнала преку свлечиште, вода или ветер, но научниот тим се сомнева дека карпата дошла тука пред да се формираат песочните ридови.
Белиот круг веднаш лево од центарот на главната слика е опишано како место на свлечишта. Ова е 43-та карпа на којашто „Упорност“ ѝ зема примерок откако слета на Марс. Каменот широк пет сантиметри ќе се чува во една од титаниумските цевки за примероци на мисијата. си/
Фото: Официјална интернет-страна на НАСА, фотоисечок од објавата.