УНХЦР: Околу 200.000 сириски бегалци од Либан годинава се вратиле во својата земја
- Околу 200.000 сириски бегалци годинава се вратиле во својата земја од Либан, по падот на режимот на Башар ал Асад во декември 2024 година, изјави Кели Клементс, заменичка на високиот комесар на ОН за бегалци (УНХЦР).
Бејрут, 2 септември 2025 (МИА) – Околу 200.000 сириски бегалци годинава се вратиле во својата земја од Либан, по падот на режимот на Башар ал Асад во декември 2024 година, изјави Кели Клементс, заменичка на високиот комесар на ОН за бегалци (УНХЦР).
- Од почетокот на годината, околу 200.000 Сиријци се вратија од Либан, најголемиот дел од нив по сопствена иницијатива, рече Клементс по посетата на Сирија.
Таа додаде дека бројот брзо расте и оти се забележува масовно враќање во Хама, Хомс и Алепо.
Високата претставничка нагласи дека УНХЦР не го поттикнува враќањето.
- Тоа е индивидуална одлука што секое семејство мора да ја донесе, рече таа.
Либанските власти, кои изготвија план за постепено враќање, проценуваат дека на нивна територија престојуваат повеќе од 1,5 милиони Сиријци, од кои повеќе од 755.000 се регистрирани во Обединетите нации.
Планот на Либан предвидува 100 долари помош за секој бегалец што сака да си замине, како и ослободување од казни за илегален престој.
Подносителите на барање се обврзуваат дека нема повторно да се вратат во Либан како баратели на азил.
УНХЦР спроведува план за поддршка на повратниците, од „помали поправки на куќите“ до финансиска помош и основни потреби.
Кели Клементс изјави дека околу 80 проценти од домовите во Сирија се оштетени, а секое трето семејство има потреба од станбена поддршка.
Вкупниот број бегалци и внатрешно раселени лица што се вратиле во Сирија по падот на Асад изнесува два милиони. јт/
Фото: ЕПА