• четврток, 21 ноември 2024

Унија на ЗМСТАС: Со предвидените вработувања на 300 доктори, европските стандарди предвидуваат вработување на нови од 600 до 900 медицински сестри

Унија на ЗМСТАС: Со предвидените вработувања на 300 доктори, европските стандарди предвидуваат вработување на нови од 600 до 900 медицински сестри

Скопје, 26 јули 2024 (МИА) - Унијата на ЗМСТАС предводена од Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „ЗА НАС“ по вчерашната објава на министерот за здравство Арбен Таравари дека oваа година во буџетот ќе се предвидат нови вработувања за 300 доктори, во денешното соопштение до медиумите напоменува дека според светските здравствени стандарди императивно ќе биде потребно и вработување на нови 600 до 900 медицински сестри и техничари, согласно законскиот сооднос 1:3. 

-Во спротивно ќе бидеме соочени со повеќе негативни фактори кои ќе влијаат не само на сестринската професија и дигнитет,  но пред се врз неможноста за остварување на сите права на пациентите и негата, но и грижата за нив на сите нивоа, се наведува во соопштението.

Во последната комуникација со министерот Таравари, како што стои во соопштението, конкретно на оваа тема било посочено дека ќе биде подготвен дополнителен протокол со кој ќе се изнајде решение и за медицинските сестри, но без притоа да се постават и  временски рокови кога истото би се случило. 

-Покрај новите вработувања мора се пронајде и решение за медицинските сестри со постоечки статус „договор на дело“ за  кои имаме информации дека во одредени здравствени институции им се прекинати или пак се отпуштени од истите. Затоа апелираме, најхуманата професија и една од најважната алки во здравствениот систем, да не се остава повторно на маргините и крајно сериозно да се сфати нејзината круцијална улога во пружањето на квалитетна здравствена услуга, вели сестра Гордана Бешлиовска, претседател на Унијата и ЗМСТАС „ЗА НАС“.

Посочува дека излевањето на медицинските сестри, согорувањето на работните места, лошите работни услови и образовната дисфункционалност се дел од проблемите кои Министерството за здравство и досега требаше и мораше да ги стави во преден план, со нудење на  соодветно решение, за што нудевме и нудиме конкретна и професионална соработка и адекватни предлози за решавање и надминување на проблемите еднаш за секогаш како и во секоја Европска земја.

-Унијата како единствен репрезент на сестринската професија во нашата земја со над 5000 членови будно ги следи носењата на одлуките за подобрување на статусот на медицинските сестри и искрено се надеваме дека актуелните ветувања и нашите големите очекувања од средбите и со актуелниот министер за здравство нема да донесат исти разочарувања и провизорни, кратковременски и популистички  мерки како досега, а кои би  поттикнале  на незадоволство и остварувања на сестринските права со други законски  дозволени начини и решенија,  кои само би оделе на штета на на пациентите, но и на имиџот и кредибилитетот на нашиот здравствен систем пред СЗО и Европската и Светска јавност, велат од Унијата на ЗМСТАС која ја сочинуваат здруженијата ЗМСТАС – ЗА НАС (претседател, Гордана Бешлиовска), ЗМСТА – Славјанка Влахчева (претседател, Ирена Нечовска), ЗМСТЛА „Флоренс Најтингејл“ - Тетово (претседател, Наџије Фетаи), ЗМСТАЛА - Гостивар (претседател, Џеват Салија), ЗМСТА – Гостивар (претседател, Ивица Билбиловски) и СМТЛ - Тетово (претседател, Тони Блажевски). дма/ац/

Фото:  Унија на ЗМСТАС

 

Остани поврзан