Унапредување на соработката меѓу земјите од Вишеградската група и Западен Балкан во фокусот на средбата Милошоски - Вистричил
- Унапредувањето на соработката меѓу земјите од Вишеградската група со државите од Западен Балкан е заемно корисен процес за искористување на стопанските потенцијали, како и за подобро усогласување на ставовите во однос на глобалните предизвици за Европа, е заедничка констатација на потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, и на претседателот на Сенатот на Чешката Република, Милош Вистричил, на средбата што ја оствариле на пред почетокот на денешната конференцијата на претседатели на парламенти на земјите од Југоисточна Европа и земјите од Вишеградската група во Будимпешта.
Будимпешта, 27 февруари 2026 (МИА) - Унапредувањето на соработката меѓу земјите од Вишеградската група со државите од Западен Балкан е заемно корисен процес за искористување на стопанските потенцијали, како и за подобро усогласување на ставовите во однос на глобалните предизвици за Европа, е заедничка констатација на потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, и на претседателот на Сенатот на Чешката Република, Милош Вистричил, на средбата што ја остварија пред почетокот на денешната конференција на претседатели на парламенти на земјите од Југоисточна Европа и земјите од Вишеградската група во Будимпешта.
- Се заблагодарив за постојаната поддршка што Чешка ѝ ја дава на Македонија. Разговаравме за нашите билатерални односи, како и за состојбите во регионот во однос на европските интеграции. Заедничка констатација е дека унапредувањето на соработката меѓу земјите од Вишеградската група со државите од Западен Балкан е заемно корисен процес за искористување на стопанските потенцијали, како и за подобро усогласување на ставовите во однос на глобалните предизвици за Европа - објави Милошоски по средбата.
Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите од Југоисточна Европа, која е во организација на Националното собрание на Унгарија, е традиционален меѓупарламентарен форум што се организира од 2004/2005 година и претставува значајна платформа за политички дијалог и парламентарна соработка меѓу земјите од Југоисточна Европа.
Фокусот на конференцијата е насочен кон регионалната соработка, европската интеграција и заедничкото справување со актуелните политички, економски и безбедносни предизвици во регионот.
Централна тема на првата сесија е „Состојбата на проширувањето во регионот на Југоисточна Европа“, а втората сесија е посветена на „Економските инвестиции и енергетските поврзувања - предизвици и можности во регионот“.
На конференцијата се предвидени обраќања на високи претставници на земјата домаќин, како и на претставници на Европската Унија и меѓународни организации, по што ќе следуваат дискусии и излагања на учесниците. Во завршниот дел е планирано усвојување на заедничка парламентарна декларација, како и билатерални средби меѓу делегациите. ев/паг/
Фото: Милошоски - Фејсбук