• понеделник, 23 декември 2024

„Умри машки“: 35 години потоа

„Умри машки“: 35 години потоа

Лос Анџелес, 26 април 2023 (МИА) - Легендарната трилер-акција „Умри машки“ оваа година одбележува 35 години од премиерата. По тој повод, следат неколку повеќе или помалку познати факти во врска со филмот што досега доживеа и четири продолженија.

Сценариото е засновано на романот на Родерик Торп - „Ништо не трае вечно“. Меѓу главните разлики со филмот е тоа што главниот лик оди на гости на Бадник не кај неговата сопруга, туку кај ќерка сѝ. Инаку, Брус Вилис не бил првиот избор за главната улога во „Умри машки“ (Die Hard) - онаа на ирско-американскиот детектив Џон Меклејн, кој ги разбива терористите во Лос Анџелес на Божик.

Иако главниот лик во тој филм има околу 45 години, во еден миг улогата му била понудена на легендарниот глумец и пејач Френк Синатра. Меѓутоа, тој штотуку наполнил 70 години, па одлучил дека не му одговара допрва да трча бос со автоматско оружје в рака, околу и низ облакодер, па одбил.

Пред тоа, и Клинт Иствуд, кој со години ги поседувал правата за снимање на книгата, сонувал да го одглуми храбриот полицаец од Њујорк. Кога се откажал од тој лик, улогата на Меклејн потоа можеле да ја добијат и Силвестер Сталоне, Харисон Форд и Роберт де Ниро - сите со изразен „мачо“ изглед.

GENIUS CHARACTER REVEALS: John McClane - Industrial Scripts®

А, Брус Вилис, во тоа време, имал само углед на шармантен, сладок лик од ТВ-проектите од раните негови години. Сепак, режисерот на филмот, Џон Мектирнан во него ја виде идната ѕвезда во жанрот акција, па се бори за него до последно.

Но, имиџот на Вилис како Џон Меклејн било тешко да се изгради. Ова води и до спротивен ефект - филмот и главниот лик се доживуваат речиси како чиста комедија и за време на трејлерот, луѓето се смеат и малкумина го гледаат Брус како акционен херој.

Сликата почнува да ја менува запалениот облакодер на филмските плакати.

И водачот на терористите, Ханс Грубер можеше да биде сосем поинаков, доколку наместо покојниот Алан Рикман, го глумеше Сем Нил. Меѓутоа, ѕвездата на „Паркот Јура“ и „Мува“ одби, и тоа доведе до првата од трите големи „злобни“ улоги за Рикман, претходно познат главно како театарски глумец. По оваа улога, тој блесна и како шерифот од Нотингем во „Робин Худ - принцот на разбојниците“ со Кевин Костнер и - „лошиот“ професор Северус Снејп во „Хари Потер“.

Сцената со паѓањето на Ханс Грубер од 32-от кат, донекаде, е и своевидна лага, бидејќи Рикман има аерофобија, т.е. се плаши да скокне од височина. Специјалните ефекти и безбедносните јажиња, покрај извонредната глума и професионалноста на сите чинители, успешно ја прикрија таа фобија.

Натаму, „најзлобниот“ терорист е всушност балетан од „Бољшој театарот“ - Русинот Александар Годунов, попознат како Карл. Неговиот брат Тони (го глуми Андреас Вишњевски) е првиот од многуте убиени од Меклејн во облакодерот.

Годунов побегнал од СССР во 1979 година кога, при гостување на „Бољшој“ во Њујорк, побарал политички азил во САД.

„Умри машки“ не е единствената соработка на Годунов со Брус Вилис - нив двајцата ги гледаме и во драма-комедијата „Север“.

Патем, никој од бандата „германски терористи“ не е Германец и никој од нив не говори германски јазик „на пристојно ниво“. Така, попрво, како што се наведува, во сцените тие само „брборат“ што ќе им текне, за сѐ тоа да изгледа како „јазикот на Хитлер“.  си/

Фото: ИМДБ

Остани поврзан