• сабота, 21 декември 2024

Украински министер за надворешни работи: Ако има мир без правда, ќе дојде до нова војна

Украински министер за надворешни работи: Ако има мир без правда, ќе дојде до нова војна

Дубровник, 29 јуни 2024 (МИА) - Без праведен мир, ќе дојде до нова војна, предупреди денеска украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на Форумот во Дубровник.

Шефот на украинската дипломатија на Дубровник Форумот нагласи дека „нема алтернатива за праведен мир“.

- Ако има мир без правда, ќе дојде до нова војна. Целта не е само да се запре војната, туку и да се создадат услови во кои мирот ќе биде праведен и одржлив, а новата војна ќе стане неодржлива опција, рече Кулеба. Тој додаде дека е потребно да се создаде средина во која нова агресија е невозможна.

Кулеба истакна дека ова е неопходно „бидејќи сите мора да видат што ќе им се случи ако започнат агресија против суверена држава“. Тој изрази оптимизам поради неодамнешниот мировен состанок во Швајцарија, на кој присуствуваа над сто претставници од држави и организации.

- Кога гледаме толку многу држави подготвени да дејствуваат заедно, тоа дава верба дека е возможен праведен и траен мир, порача Кулеба на панелот.

- Секој следен чекор ќе биде потежок од претходниот, но нема алтернатива, заклучи тој.

Високиот претставник на Европската унија за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, на форумот рече дека Западот денес има голема одговорност да спречи „поделба на Западот и Истокот“. Борел додаде дека сојузот меѓу Русија и Кина може да го подели светот.

Борел истакна дека денес има криза на мултилатерализмот и дека многу држави се свртуваат кон мултиполарност бидејќи тоа им е покорисно – мултилатерализмот го замениле со „трансакциски односи“.

- Има повеќе играчи, помалку правила. Многу повеќе немири, нагласи тој.

Италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, исто така ја нагласи потребата од „праведен“ мир. Тој рече дека Италија пред неколку дена одлучила да испрати нов пакет воена помош на Украина и дека Рим сака Украина што побрзо да стане полноправна членка на Европската Унија.

Тајани на истиот панел предупреди дека Западниот Балкан мора да стане приоритет на меѓународната заедница, бидејќи губењето на ова подрачје и прифаќањето на поголемото влијание на Русија „би било огромна грешка за стабилноста, мирот и за нас“. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан