• петок, 05 декември 2025

Украина, одбраната, конкурентноста и Блискиот Исток главни теми на октомврискиот Самит на ЕУ

Украина, одбраната, конкурентноста и Блискиот Исток главни теми на октомврискиот Самит на ЕУ

Брисел, 13 октомври 2025 (МИА) – Војната во Украина, зајакнувањето на европската одбрана и конкурентност и најновиот развој на настаните на Блискиот Исток ќе бидат главни теми на Самитот на ЕУ предвиден за 23 и 24 октомври во Брисел, најави денеска претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта во поканата за учество на состанокот упатена до шефовите на држави или влади на членките на Унијата.  

Кошта во поканата наведува дека во услови кога Русија продолжува со своите немилосрдни напади врз украинските цивили и цивилна инфраструктура, потребно е зголемување на поддршка на ЕУ за Украина, преку финансиска помош и разгледување на можните опции за користење на замрзнатите руски средства. 

- И поддршката за Украина и притисокот врз Русија остануваат двата неопходни услови за постигнување праведен и траен мир, наведе Кошта, додавајќи дека на почетокот на дискусијата за Украина лидерите ќе „имаат можност да го слушнат“ и украинскиот претседател Володимир Зеленски. 

Кошта натаму наведува дека ќе продолжи и дебатата за одбраната и во тој контекст лидерите би требало да ги овластат министри за одбрана на земјите членки да обезбедат имплементација на одбранбените иницијативи и планови и да ја зајакнат Европската агенција за одбрана.  

- Хибридните напади, регистрирањето на дронови во близина на нашата критични инфраструктура и непријателските упади во воздушниот простор на земјите членки се уште една демонстрација на итноста од забрзување на работата за постигнување на подготвеност на заедничката европска одбрана до 2030 година, посочува Кошта во поканата. 

Тој натаму најавува и дебати за конкурентност и дигиталната и зелената транзиција, со посебен осврт на напорите за административни поедноставување на процедурите, истовремено остварување на климатските цели и зајакнување на конкурентноста на Европа и обезбедување на европски дигитален суверенитет. 

На Самитот се предвидува да стане збор и за состојбата на Блискиот Исток, во услови кога, како што наведува Кошта, се чини дека по две години војна и страдање на луѓето мирот во Газа е на дофат.  

- Со оглед на најновите случувања ќе разговараме како ЕУ може да ги поддржи тековните напори за праведен и траен мир, цврсто заснован на решението за две држави, како и за обновата на Газа, додава претседателот на Европскиот совет. 

Кошта во поканата додава дека предвидува на Самитот да се расправа и за економскиот раст и просперитет, за проблемите со домувањето во ЕУ и за зајакнување на меѓународната улога на еврото, за чија цел на лидерите во дебатата по овие прашања ќе им се придружат и претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, и првиот човек на Еврогрупата, Паскал Донохју, како и да се дискутира за „важната тема за миграцијата“. 

- Ќе го започнеме нашиот состанок в четврток (23 октомври) во 10:00 часот со нашата традиционална размена на мислења со претседателката на Европскиот парламент. Како и обично, доколку нашите дискусии го дозволат тоа, ќе се стремам состанок да трае еден ден. Се радувам што ќе ве видам во Брисел, додава Кошта во поканата до лидерите на ЕУ за учество на октомврискиот Самит. сп/јт/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан