УКЛО во Битола промовира мобилна инфо станица на УКЛО КОЛОРС
- Универзитетот „Св. Климент Охридски“ преку иницијативата УКЛО КОЛОРС промовира Мобилна инфо станица, простор што ќе биде користен за воспоставување директни соработки со граѓаните.
Битола, 27 октомври 2025 (МИА) - Универзитетот „Св. Климент Охридски“ преку иницијативата УКЛО КОЛОРС промовира Мобилна инфо станица, простор што ќе биде користен за воспоставување директни соработки со граѓаните.
Во изјава за медиумите, професор д-р Рената Петреска Нечкоска, академски раководител на УКЛО КОЛОРС, истакна дека со отворањето на физички простор како колаборативен центар кој се наоѓа во Студентски информативен центар (СИЦ) во Битола, ќе се развива поголема соработка.
-Во СИЦ при УКЛО во Битола има простор за работилници, библиотека и други услови кои овозможуваат блиска соработка со сите институции, со невладиниот сектор, бизнисите и образовните институции. Мобилниот простор овозможува поголема блискост и затоа го поставивме на Широк Сокак. Токму тука студентите може да се информираат за вклучување во организациски активности на КОЛОРС Алијанса, а потоа да дејствуваат и да бидат хонорирани за својот ангажман. Студентите може да пристапат во сите организациски структури и тела на Алијансата, работни пакети и други можности како поиновативен крој на академијата или европскиот Универзитет на иднината, нагласи Петреска Нечкоска.
Мобилната инфо станица на УКЛО КОЛОРС во Битола овозможува студентите да се информираат за плодовите од членувањето на битолскиот Универзитет во Алијансата.
-Сега непречено може да се добијат специфични видови на практиканство или учење преку работа. Тоа се прави во соработка со градовите со кои ние заеднички членуваме како што тоа е на пример соработката меѓу УКЛО и Универзитет во Латвија, односно градовите Венцспилс, Битола и Прилеп, или соработката со Универзитетот Унион во Осиек. Со овие соработки се продлабочува нешто што очекуваме да трае, нагласи академскиот раководител на УКЛО КОЛОРС Рената Петреска Нечкоска. мт/дма/
Фото: МИА